Нема значителен напредок во мерките и активностите за водење ефективна борба против корупцијата, оценува претседателката на Транспаренси Интернешнал Македонија, Слаѓана Тасева.
Се остава многу простор работите да продолжат како и порано, само во друг облик и со други актери, вели Тасева, додавајќи дека особено загрижувачки се состојбите во судството и јавната администрација.
„Многу не загрижува она што се случува во судството, актуелните состојби во Јавното обвинителство, сите прашања во врска со постапувањето и интегритетот на највисоките тела на тие институции, тие не се гаранција дека ќе обезбедат владеење на правото и ефективна борба против корупцијата. Исто така реформите во јавната администрација како да ги враќаме назад, не воведуваме ништо ново, се откажуваме од правилата за интегритетот на којшто ние многу инсистираме“, вели Тасева.
Степенот на корупцијата во земјава не е на завидно ниво, се согласува и Ана Јаневска - Делева, извршен директор на Транспарентност Македонија.
„Како позитивен пример се консултациите на оваа Влада со граѓанските организации за отворање на податоците на државните институции. Меѓутоа, она што требаше, а не се направи како краткорочна мерка, за надминување на досегашните промени во оваа област, се кадровски промени во органите задолжени за превенција и сузбивање на корупцијата преку измени на Законот за спречување на корупцијата“, вели Делева.
Неодамнешните измени во Законот за заштита на укажувачите, според Тасева, се незначителни и не влијаат врз можноста да се примени истиот.
„Измената на законот беше најавувана како неопходна за да почне примената, што според нас е погрешно. Сега не се прави ништо за да се отпочне со ефективна примена на законот. Многу е мал бројот на институции кои имаат воспоставено систем за заштита на укажувачи и тоа е направено само површно, недоволно за да ја даде вистинската информација и недоволно за да имаме обучени луѓе коишто би можеле да работат во услови на доверливост и непопреченост од сите кои би биле заинтересирани за тие пријави“, вели Тасева.
Законот за заштита на укажувачите според Делева, е еден од механизмите за зајакнување на борбата против корупцијата. Сепак таа смета дека законот го следат неколку правни недоследности, укажувајќи дека е потребно да се направи кампања за подигнување на јавната свест, со цел граѓаните да знаат дека тие ќе се заштитени и треба да почнат да пријавуваат корупција.
„Општото правило на доверливост е приоритетно прашање што мора прецизно да се дефинира, да биде јасно кој институции во која постапка можат да побараат откривање на идентитетот на укажувачот, неговиот идентитет смее да биде откриен само со одлука на Судот, санкциите за откривање на идентитетот не смее да се ограничени само на глоба, туку во зависност од околностите, да повлекуваат и кривична одговорност. Најголемите грижи сепак се јавуваат кај имплементацијата на овие постапки, бидејќи правилниците не предвидуваат рокови за воспоставување на процедури, а заштитеното јавно пријавување е најслабата точка на законот“, укажува Делева.
Една од мерките кои не треба да бидат запоставени во водењето ефикасна борба со корупцијата, според упатените, е потребата од реформирање на Државната комисија за спречување на корупцијата со вистински професионалци, а не партиски послушници, со цел да се зголеми довербата на граѓаните во таа институција.
Тие заклучуваат дека борбата против корупцијата се уште не е на нивото кое е неопходно за да се овозможи развој на демократските вредности и владеењето на правото. Ескалацијата на овој проблем најдобро се огледа во огромниот пад на земјата на Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл, според кој таа падна за цели 24 места – од 66-то на ниското 90-то место во светот. Овој резултат покажува дека корупцијата е сериозна пречка за владеењето на правото, развојот на економијата, инвестициите и демократијата.