Во предвечерието на премиерната изведба на „Тоалет за дами“ во театарот „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ во Велес, режисерот Деан Дамјановски, кому патем ова му е 10-та претстава во сега матичната куќа, истакнува дека текстот на современиот венецуелски драмски писател Родолфо Сантана (1944‒2012) е напишан во 1986 година и дека тој ги проблематизира односите меѓу дванаесетте ликови во пиесата на повеќе нивоа. Од таму, како што вели, според темите коишто ги обработува, тие сметале дека може лесно да се прилагоди на локалните, регионални контексти. Во нашето културно милје.
Во дослух со ова е и неговото писание каде појаснува: „Кога некој маж оди во тоалет, обично го прави тоа од една единствена причина. Жените го користат тоалетот како дневна соба или соба за психотерапија. Жени што влегуваат во тоалетот како сосем непознати, може да излезат оттаму како најдобри пријателки, како да се познавале цел живот“ – вели една книга за популарна психологија. И ова е само благ опис на тоа што сѐ може да се случи во петок навечер, во женскиот тоалет на една дискотека, некаде тука на Балканот, помеѓу десет жени, еден травестит и еден маж.
„Претставата одговара на вечното прашање кое си го поставуваат мажите: што прават жените кога одат повеќето од нив во тоалет и се задржуваат подолго време? Публиката има прилика да ѕирне што се случува во тој свет, но се разбира тоа е само во рамките на анегдотата. Во оваа дискотека, во тоалетот, практично се разигруваат драмите на секоја од тие жени поединечно. Различни теми се отвараат – од семејно насилство, абортуси, кој се е на опијати, дроги, зависности, односи мајки – ќерки и т.н. што ја прави претставата доста шарена, доста богата, провокативна и за поставување и за играње“, вели Дамјановски.
Режисерот дополнува дека бил исклучително интересен процесот во кој актерите, а во претставата играат Кица Ивковска, Васил Зафирчев, Ирена Илиевска, Кети Борисовска, Маја Љутков, Талија Настова, Марија Стефановска, Зорица П. Панчиќ, Весна Димитровска Бобевски,
Драгана Босниќ, Слободанка Чичевска и Александар Велјановски, ги граделе своите улоги. Тој појаснува дека се работи за една динамична драма. Дека некои нешта се случуваат „дури и побрзо од дејствието во некој водвиљ“. Од таму сите заедно решиле таа да се одвива на Големата сцена, со тоа што и публиката ќе биде на истите штици за да може одблизу да го следи дејствието.
„Самиот дизајн, и визуелниот и аудио дизајнот, допринесуваат за тој впечаток дека и гледачите се тука преку некој невидлив ѕид и дека го споделуваат доживувањето на ликовите од претставата. А, бидејќи се работи за доста деликатни теми, јазикот на моменти е вулгарен, се решивме за некоја забрана +16 години, за сепак да ги запазиме оние правила на пристојност“, вели тој.
Од друга страна, говорејќи за сопствените стремежи како творец, Дајмановски истакнува дека него, во последно време, во театар повеќе го интересира да гледа луѓе со проблеми и односи помеѓу нив отколку развивање на идеи. Од таму, режисерот заклучува дека тој аспект на провокативноста секој од нас го злоупотребува или употребува за маркетинг цели, но дека она што него го интересира во оваа претстава е како ликовите што им ги дал авторот, заедно со актерите, ќе успеат да и ги пренесат на публиката.
„Тука треба да се видат едни човечки ликови со свои драми, со свои судбини и она што се случува во нив. Ситуациите во кои тие се ставени на некој начин. Тоа веројатно би побудило некакви си размислувања кај гледачите, но за идеите никогаш не би сакал директно да се разговара. Туку секогаш преку некакви драми или теми коишто ликовите ги отвараат. За мене се уште важи онаа чеховската дека уметноста не би требало да дава одговори, туку да поставува некакви прашања. Некако поблиску ја чувствувам до филозофијата отколку до политиката“, вели Дамјановски.
фото: Зденко Петровски
Дамјановски ќе рече и тоа дека идејата за поставување на „Тоалет за дами“ потекнува уште од минатата година кога на матичната сцена ја работел „Театар љубов моја“ со четири актерки од Велешкиот театар. Тој по добивањето на текстот веднаш „се закачил“ токму од таа провокација – многу народ на сцена и особено жени: „Затоа што се работи за поинаква енергија отколку машката и се разбира поинаков сензибилитет“.
„Целата е напишана како некоја форма на музика. Затоа цело време мора да функционира како сат. И ова е една од претставите коишто сум ги работел подолго време – до премиерата имаме 50-на проби. Претставата е базирана најмногу на актерскиот потенцијал и на ликовите кои тие ги изградуваат и мислам дека добро се справивме. Од пробите видов не само дека продуктот е добар, дека функционира, туку и тоа дека самите актерки, актери, текстот го играат со една специфична, да речам, доза на кеиф“, вели режисерот.
И, кон кажувањата на Деан Дамјановски уште и информацијата дека асистент на режија била Елеонора Теова, драматург Сашо Димоски („Приказната од приказни која се гради во тоалетот за дами е силно асоцијативна со приказните кои се случуваат или раскажуваат во било кој тоалет во било кој ноќен клуб од секојдневието. На овој начин, театарската претстава станува згусната слика за светот на обичниот човек, своеволно „внесен“ во еден тоалет за дами“.), сценограф Филип Коруновски, костимографијата е дело на Катерина Чукниева, а музички соработник бил Сашко Костов.