Достапни линкови

„Среќна нова година“ на Трифуновски премиерно во Турски театар


Работена по мотиви на Даниил Хармс и Дејвид Ајвс, в четврток на 11 јануари, со почеток во 20 часот, Турскиот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Среќна нова година“. Режисер на проектот, кој меѓу другото се обидува „да одгатне што не тера да работиме против себе“, е Бојан Трифуновски.

По „Кралот Иби“, „Касапски кучиња“, „Нешто пропуштаме“, „Пат околу светот“, „Празен град“, „Авантурите на Аладин“, претстави работени со различни театарски ансамбли од земјава, режисерот и драматург Бојан Трифуновски на сцената на Турскиот театар премиерно ја донесува „Среќна нова година“. Станува збор за проект исправен по мотиви на Даниил Хармс и Дејвид Ајвс, за кој ќе биде забележано дека меѓу другото се обидува „да одгатне што не тера да работиме против себе“.

Од таму во пресрет на неговото обелоденување, режисерот не случајно во своето метафорично послание до публиката, ќе напише: Уметник кој истражува ЗОШТО светот САКА да се самоуништува, создава ментален простор во кој слободно размислува и твори. Таа негова ментална соба има пијано и во неа тој комуницира со своите претци и наследници, обидувајќи се да одгатне што не тера да работиме против себе. Во неговиот замислен свет, во константна состојба на 5 за 12, пред нова година, 10 масони преку јазикот на Хармс и на Ајвс создаваат атмосфера за интроспекција и само-соочување. Човек на човека му е волк, лошо маскиран во евтин зајачки костим. Лабораторија за самоспознание и за обид да се дефинира процесот на елиминација на непродуктивни идеи во творечкиот ангажман. Човек против нечовечноста во себе. Човек со пијано како метафора против смртта.

Од друга страна, откако ќе забележи дека цела една декада посакувал да работи во Турскиот театар, Трифуновски вели дека се решил за еден поинаков концепт. Концепт кој во создавањето нема да има текст туку се базира на идеи и метафори. Појаснува дека земале мотиви од текстовите на Хармс и Ајвс затоа што тоа се двајца автори коишто на различен начин се бават со ист проблем - како политичката ја замени објективната реалност и како повеќе не постои вистина. Тоа што се е на некој начин преџвакана и од втора рака реалност. Се е спин.

„Се договоривме да направиме претстава која ќе раскажува еден ментален внатрешен процес на еден писател којшто пишува книга за потребата на светот да се самоуништува. За потребата на сега новата, модерна цивилизација да се однесува како да е константно 5 до 12, да се базира на евтин популизам, на акумулирање добра, наместо на создавање на духовно богатство“, вели режисерот.

Во натамошната експликација Трифуновски истакнува дека тој автор за да може на раат да пишува, за да може да излезе од својата реалност си создава еден ментален простор во којшто има пијано. Менталниот простор го наоѓа во своите мемории затоа што своевремено кога почнувал, кога бил млад, морал да свири за оброк во рестораните и додека пишува карактери од својот роман, својата книга, во стилот на Пирандело како што шесте лица го бараат авторот, тој ги бара всушност своите карактери.

„Создава една новогодишна масонска забава, кадешто 10 масона меѓу кои и тој самиот, своите прсти ги имаат на копчиња за деструкција на оваа планета. Тие контролираат вода, воздух, војска, мода, модна индустрија. Со нив разговара и внатре во претставата, преку монолозите, се обидува да ги разбере нивните потреби да го расипуваат светот“, вели тој.

Во „Среќна нова година“ играат актерите Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Зубејде Али, Емине Халил, Селпин Керим, Џенап Самет, Неат Али, Аксел Мехмет, Един Јакуповиќ и Берхеда Решит, а Трифуновски знае да каже дека сите заедно во изминативе два месеца се „затвориле“ на мала сцена и дека истражувале. Истражувале како се раѓа идеја, како таа се храни, како во неа се лоцираат работи коишто може да се развијат и оние коишто може да пречат...и дека сето тоа на некој начин му е втиснато на главниот карактер, на господинот Смит, всушност човекот што сака да го напише романот. Дека се обиделе точно да постават некои прашања.

„Нити сметам дека сме доволно информирани, нити дека сме доволно претенциозни за да мислиме дека нудиме решенија. Она што го правиме е дека со тој метод на интроспекција, што значи внатрешно согледување, тргаме од самите себе за да видиме што не чини. Ансамблот на Турскиот театар одамна нема работено претстава од ваков отворен концепт каде што најдобрата идеја победува и каде што нема екс катедра однос и сметам дека убаво се снајдовме, убаво искомунициравме и ете едвај чекам да дојде моментот кога ќе ставиме една точка на еден убав заеднички истражувачки период“, заклучува Трифуновски.

Кон ова само уште информациите дека асистент на режисерот била Сибел Абдиу, дека сценографијата е дело на Љупчо Јованов, за костимографијата биле задолжени Елена Вангеловска и Антонија Гугинска Јордановска, кореографијата ја потпишува Александра Кочовска Начева, а автор на оригиналната музика која е нагласено присутна во претставата е Ади Имери.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG