По нецели шест години откако Слободан Унковски ја постави „Арапска ноќ“, на сцената на Н.У. Турски театар премиерно ќе биде одигран уште еден текст од современиот германски писател Роланд Шимелфенинг. Овојпат станува збор за „Пеги Пикит го гледа лицето на Бог“ од 2013 година, за кој, во случајов, режијата ја потпишува младата Ивана Ангеловска, инаку некогашна студентска на професорот Унковски и асистентка на Александар Поповски во неговото видување на шекспировиот „Сон на летната ноќ“ токму во овој театар.
Говорејќи за текстот на Шимелфенинг, Ангеловска истакнува дека е дел од Африканската трилогија, што подразбира дека е напишан по нарачка со уште два други на автори – творци од различни континенти и дека е всушност обид да се отвори еден глобален проблем – проблемот на Африка. Дополнува дека тие раскажуваат длабоко интимна приказна за два брачни пара, кои во своите триесетти се разделуваат и избираат комплетно различни правци во животот. По шест години се среќаваат и на таа нивна средба доаѓа до судир на целиот нивен живот, на изборите што ги направиле и преку нивното преиспитување, преку таа нивна ноќ, тие како тим се обиделе да донесат на сцена два света – светот на западното општество и светот на Африка.
„Африка никогаш не ја гледав само како Африка, ниту го гледав ова само како локален проблем. За мене Африка може да биде и овде кај нас. За мене Африка е секоја земја којашто се соочува со болести, со смрт, со војна и сметам дека текстов е многу денешен. Нас нè интересираше токму тоа. Нè интересираше да ги отвориме прашањата за нашиот однос кон светските проблеми, за нашиот однос кон тоа што се случува со светот и едноставно да се преиспитаме колку сме ние должни кога знаеме дека некој е во смртна опасност да превземеме нешто во однос на тоа. Да помогнеме на некој начин“, вели таа.
Таа дополнува дека и двата пара се несреќни на крајот на денот. Дека и едните и другите посакуваат да го имаат животот на другиот пар. Дека сите се соочуваат со невозможни дилеми и одлуки за донесување и дека би сакале заедно со нив и публиката да си ги постави овие прашања.
Улогите во овој камерен проект ги толкуваат актерите Несрин Таир, Осман Али, Ерман Шабан и Сузан Акбелге.
Таир, која е задолжена за ликот на Лиз, откако ќе забележи дека Турскиот театар секогаш се бави со она што му се случува на светот, независно дали станува збор за класичен или современ текст, истакнува дека тие како колектив како да се исклучени од централните случувања во македонскиот театар. Вели дека сите аплаузи и сите камери како да се свртени кон другите театри. Од таму, таа и со нагласок на тоа дека тие за сите свои претстави имаат обезбедено превод на македонски јазик. За актуелниот проект знае да каже дека зборува многу и за дезориентираноста на самиот човек во светот и за дезориентираноста на актерите во театрите.
„Од кој било аспект да се погледне оваа претстава, освен глобалниот проблем кој го има целиот свет со тоа што се случува во Африка, можете приказната која им се случува на двете двојки и тоа што тие си се бараат во нивните успеси или неуспеси, да си ја побарате секој сам интимно во себе“, вели таа.
Инаку, драматург и асистент на режија во претставата е Ивана Нелковска, сценограф Дарко Ристевски, костимограф Марта Трендафилова, а приходот од влезниците кои се продаваат по цена од 100 денари ќе биде наменет за настраданите во поплавените подрачја во скопскиот регион.