Огнен Дранговски од саботата, 28 мај, го започна своето артистичко битисување и како Родион Романович Раскољников – злосторник и покајник. Оној од најдобро напишаното дело на Достоевски – романот „Злосторство и казна“. Но, овој пат видено низ авторското кредо на режисерот, сценаристот, фантастичниот Диего Де Бреа.
Секое движење, секој здив, секој атом од моето тело мораше да биди внатре и да биде набљудуван од останатите учесници во претставата, од колегите актери, за да излези сето тоа дека е верно и вистинито, а не дека е некаков здодевен театар.Огнен Дранговски, актер
Говорејќи за процесот на креација, актерот вели дека овој од него барал фанатична посветеност во целата работа. Дека единствено само така, со длабока психолошка анализа на самиот човек, на Раскољников, можат да дојдат до вистинскиот резултат и до самата суштина без непотребните „глуматарања“ за да се долови сето тоа.
„Неговиот концепт во претставата е своевидна хируршка операција на отворена глава на еден човек кој се вика Раскољников. Секое движење, секој здив, секој атом од моето тело мораше да биди внатре и да биде набљудуван од останатите учесници во претставата, од колегите актери, за да излези сето тоа дека е верно и вистинито, а не дека е некаков здодевен театар. Работевме само на тоа да се дојди до суштината на она што го прави Раскољников и убиец и покајник во истото време“, вели Дранговски.
Тој дополнува дека ова е најтешкиот лик што го одиграл во досегашната професионална кариера. Истакнува дека пред седум години играл во „Браќата Карамазови“, но дека сепак се работи за сосема различен пристап и различна тематика.
Од друга страна актерот знае да каже дека без разлика дали ќе се случи или не, во секого од нас демне по еден Раскољников. Дека секогаш е тука оти често се фаќаме себе дека би сакале „некого да убиеме“.
„Тоа е во човечката природа. И, како што би рекол Раскољников, само некои си дозволуваат да станат тоа, но другите луѓе никогаш не им простуваат и затоа им ги сечат главите и ги бесат. Како што би рекол Де Бреа тоа е многу зафркнат лик. Функционира на две нивоа. Во исто време е и убиец и покајник. Ние работевме да дојдеме до тоа што е суштината. Што е тоа што него го тера да го направи злосторството. Кои се причините? Како дошло до тоа? Што е она што нему му светнува за да го стори убиството. Најголем акцент во целата претстава е ставено на тоа како доаѓа до признавањето на вината, на убиството“, вели тој.
Инаку, Дранговски за себе вели дека преку сите ликови во претставите што ги играл искажувал одреден свој став. Притоа дополнува дека во дадениов случај се работело за тоа да се најде најчовечкото, најосновното и наједноставното што е најтешко. Со помалку да се каже повеќе. Како да се задржи сето тоа, за на крајот да имплодира што било навистина тешка задача.
Кон ова само уште информацијата дека во „Злосторство и казна“ на Диего Де Бреа играат и Иван Јерчиќ, Марија Стефановска, Катерина Аневска, Валентина Грамосли, Марјан Ѓоргиевски, Александар Стефановски и Никола Пројчевски. Костимограф е уметничкиот директор на Народен театар Битола – Благој Мицевски.