Достапни линкови

Лица без маски 2016 порачува: Остани стабилен


Собуј ги чевлите, театарска претстава
Собуј ги чевлите, театарска претстава

Под мотото „Остани стабилен“, од 9-ти до 12 април, на две сцени во градов, ќе се одржи 9-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“. Манифестацијата, чија заложба е алтернативниот, авангардниот и експерименталниот израз, овој пат ќе понуди шест претстави во конкуренција за награди, за кои, патем, се вели дека се „одличен показ за поинаквото поимање на театарот, како контрапункт на несогласувањата со глобалните политики“ .

За отворање на деветтото издание на „Лица без маски 2016“, на 9 април во 20 часот, на Малата сцена на МОБ, една музичка комедија - „Собуј ги чевлите“. Станува збор за проект на авторите Теодора и Петар Ристовски и „Лудум, лудум театар“ и агенцијата „Кенозоик“ од Белград, соседна Србија, кои по втор пат гостуваат на Фестивалот.

Програмата се обидовме и годинава да ја направиме да биде навидум контроверзна и провокативна во исто време, затоа што истите овие претстави, покрај свежината во естетиката што ја нудат, содржински допираат и актуелизираат многу горчливи теми.
Игор Ивковиќ, програмски селектор на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“

В недела, во истиот термин и на истата сцена, ќе биде прикажана „Галаксија“ на Кристиан Паскариу и театарот „Креирај. Глуми. Уживај“ од Клуж – Напока, Романија, претстава за раѓањето на Универзумот и еволуцијата на човештвото, всушност визуелно патување сочинето од можностите на човековото тело во допир со новите медиуми и интерактивни видео проекции.

Наредниот ден, на Малата сцена, љубителите на театарот најнапред ќе имаат можност да ја проследат „19 Мај“ од Фани Делезу, режирана од Константинос Цаканакис и Дора Василику, а во изведба на Онеироу технитис од Атина, Грција (едно нивно читање на историјата поврзано со Понтската заедница во Трабзон и стравот на христијаните од муслиманскиот екстремизам). Веднаш потоа следува и единствената македонска претстава - „Госпоѓица Јулија“ од Аугуст Стринберг во режија на Ѓорѓи Ризески, со актерите Теоман Максут, Миа Кантарџиева и Емине Максут од Театар Фабрика од Скопје.

Во вторник, пак, на последниот ден од Фестивалот, во Театар комедија воведот ќе го сторат уметниците и членови (актери и танчери) на 32 Физички театар од Таганрод, од Русија. Тие ќе ја изведат 50-минутната „Рефлексии“ од Марина Дреин, несекојдневно визуелно шоу кое говори за тоа како личноста изнаоѓа сопствен пат и ја открива светлината во себе.

И, за крај, од 22 часот, „Ромео и Јулио“ на Софија Болоњини и театарот „Болоњиникоста“ од Рим, Италија, едно „скандалозно артистичко патување кое ја истражува потребата да се љуби и да се биде љубен“, всушност своевидна вивисекција на идентитетот, сексуалноста и граѓанските конфликти. Еден „безмилосен неправилно сочинет театарски проект чија крајна цел е да го вознемири уметничкиот спокој и националната чиста свест“.

„Програмата се обидовме и годинава да ја направиме да биде навидум контроверзна и провокативна во исто време, затоа што истите овие претстави, покрај свежината во естетиката што ја нудат, содржински допираат и актуелизираат многу горчливи теми за кој било човек од денешнината, на која било страна од светот. Не само во Македонија, Балканот или континентот, туку многу пошироко. Зборуваат за љубов, за прифаќањето на различностите. Зборуваат за рамноправноста, зборуваат за теми коишто се многу важни за ова глобално заболено општество“, вели Игор Ивковиќ, програмски селектор на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.

Миодраг Костиќ, инаку директор на Фестивалот, од своја страна појаснува дека тие како организатори на манифестацијата сите овие години се обидуваат да ја разбрануваат македонската културна јавност и посебно вљубениците во театарот со нови содржини кои ќе провоцираат и комуницираат подалеку од она на кое сме навикнати, а тоа е обичното и сиво секојдневие.

„Оваа година за визуелниот идентитет на Фестивалот се погрижи Наташа Шопова и од таму произлезе и слоганот, мотото на ова издание на манифестацијата. Се одлучивме за „Остани стабилен!“ и под него подразбираме да се остане стабилен во едно вакво време-невреме е навистина предизвик. Затоа ќе видиме претстави кои се показ за „алтернативното“ поимање на театарот, како контрапункт на несогласувањата со глобалните политики. Дела кои ги рушат предрасудите, табуата, недоразбирањата. Творби кои без влакна на јазикот отвораат важни политички, социолошки и културни прашања и за кои се обидуваат да најдат одговор“, вели тој.

На „Лица без маски“ и овој пат ќе бидат доделени трите награди: Гран-при за најдобра претстава во целина, награда за најдобра актерска игра и награда за најдобра режија. За нив ќе одлучува жирито во кое се режисерот Синиша Евтимов и актерките Ирена Илиевска и Магдалена Ризова-Черних, а признанијата ќе бидат доделени во вторник, 12 април, на затворањето на фестивалот по одигрувањето на последната претстава.

Инаку, организаторите „Сплунг автори – Театар 007“ и Ј.У. Конгресен центар „Александар Македонски“ од Скопје, и овој пат подготвија работилници кои ќе се одржуваат секој ден од 11 часот на сцената во Универзална сала, а на кои ментори ќе бидат истакнати творци - учесници на манифестацијата како Русинката Марина Дрен, Софиа Болоњи и Дарио Коста од Италија, Романецот Лупан Раука и Цаканакис Константинос од Грција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG