Достапни линкови

Пројковски: Се залагам за жестокост и тотална посветеност во театарот


Сцена од претставата Ромео и Јулија на Дејан Пројковски
Сцена од претставата Ромео и Јулија на Дејан Пројковски

Оваа награда воопшто е голем настан и за Националниот театар во Истанбул. Освен интересот во Турција, се јавија и фестивали од другите земји, така што мислам дека приказната за нашата „Ромео и Јулија“ е на почетокот од своето патешествие, вели режисерот Дејан Пројковски, не многу откако неговата поставка на шекспировиот класик беше прогласена за најдобра претстава за 2017 година од тамошниот театарски магазин „Тијатро“.

Она што е многу важно за секој уметник е создавањето на еден универзален јазик. Јас како режисер секогаш се трудам да создадам универзален јазик којшто генерално комуницира со публиката. Секогаш е голем предизвик кога се работи во друго јазично подрачје, во друго културно подрачје каде што човек треба прво заедно со екипата да ги надмине тие разлики и да се создаде еден уметнички тим кој понатаму ќе ја раскаже приказната на еден специфичен сценски јазик. Тоа е важното - како сопствената естетика, сопствениот свет да се пренесе на сцена.

Вака македонскиот режисер Дејан Пројковски ќе го започне сопственото кажување не многу откако неговата поставка на шекспировиот „Ромео и Јулија“, во продукција на Националниот театар од Истанбул, беше прогласена за најдобра претстава за 2017 година во Турција. Наградата ја доделува најголемото и најпрестижно тамошно списание за театарска уметност „Тијатро“.

„Се случи претстава онаква каква што како тим секогаш се стремиме да направиме. Претстава којашто слободно можам да ја наречам еден тотален, експериментален, жесток театар, но и театар којшто апсолутно ја раскажува шекспировата „Ромео и Јулија“ на еден современ, модерен шекспиров јазик. Некако почнувајќи и завршувајќи со Шекспир. И еве таа од премиерата на 17 октомври до сега веќе има 34 изведби, се игра од 12 до 14 пати во месец, распродадени се сите изведби штом картите бидат пуштени во продажба, такашто разбирливо е што сега заедно со актерите се радуваме на тој успех“, вели Пројковски.

Дејан Пројковски
Дејан Пројковски

Тој и оваа претстава, за која во својата рецензија Јашам Каја, еден од реномираните театарски критичари во Турција, ќе напише дека нема да згреши доколку го искористи зборот „совршена“, ја работеше со своите постојани соработници – кореографката Олга Панго и композиторот Горан Трајковски. Во случајов асистент на режија бил нашиот Атила Клинче, сценографијата е дело на Нурула Тунџер, за костимографијата се погрижила Медина Алмаџ, а за дизајн на светлото Серхан Акн.

Говорејќи за ваквиот след на настаните и можноста успехот да биде искористен за поширок пробив на интернационалната театарска сцена, Пројковски знае да каже дека обично работата во голем театар во било која нова средина е само продолжение на патешествието и со тоа „човек е секогаш поблиску до некои други сцени и простори“.

„Исто така многу е важно што човек вака ќе запознае театарски истомисленици во некоја земја, браќа со кои може да создава заеднички светови што ги носел со себе. Така ги споделува истите ставови и мислења за театар на друго место. Оваа награда воопшто е голем настан и за Националниот театар во Истанбул. Освен интересот во Турција, се јавија и фестивали од другите земји, така што мислам дека приказната за нашата „Ромео и Јулија“ е на почетокот од своето патешествие“, вели тој.

Навраќајќи се на сработеното и реакциите, режисерот појаснува дека „Ромео и Јулија“ барала огромна жестокост и спремност на актерите. Вели дека таа се игра во вода, во еден огромен базен, во аквариум којшто е дел од сценографијата и дека бара да бидат вложени натчовечки напори од глумците. Дека самата жестокот го создава она што е специфично во претставата.

Пројковски потенцира дека со Олга Панго успеале да направат еден специфичен сценски израз каде што основното изразно средство на актерите е нивното тело, а за музиката на Трајковски ќе рече дека била посебно акцентирана од турските театарски критичари.

„Еден критичар пишува што точно разбрал и каде го однесла музиката. Притоа ја издвојува сцената на погребот на Јулија истакнувајќи дека притоа музиката кажува многу повеќе од се на сцената и дека навистина отвора нови светови. Мислам дека како тим успеавме да донесеме нешто ново и навистина свежо на нивната сцена“, вели тој.

Прашан, пак, за тоа дали ова е театарот што тој сака да го работи и во иднина, Пројкоски со појаснување дека „тотален театар за него е моментот кога актерите буквално се раѓаат и умираат на сцена“.

„Бидејќи претставата во тие два часа е всушност зипувана, збиена форма на целиот човечки живот е токму да се создаде таа животна капсула мислам дека треба на виделина да излезе сета таа жестокот и тотална посветеност. Да се раскаже приказната онака како што би требало. Мислам дека и поинаку човек не може доколку сака нешто да прави, доколку сака посветено да се бави со театарот“, вели тој.

Инаку, Дејан Пројковски со својот тим е повторно во Народниот театар во Битола каде наголемо работи на поставувањето на „Коцкар“ од Достоевски. Во пресрет на премиерната изведба, ќе рече, дека за него секоја нова претстава е како едно големо море. Дека човек треба да скокне и да се бори, да плива, да ги открива сите длабочини и височини, сите хоризонтали и вертикали, не штедејќи се себе си.

„Секој вистински уметник не внимава на резултатот. Односно, за него е важен процесот и колку максимално ќе се дадеме себе си. И, како режисер од друга страна, колку максимално ќе ги испровоцирам актерите и соработниците сите заедно да се разбереме и да почнеме да создаваме на еден сценски јазик. Се надевам дека и тука ќе може на крајот да кажеме дека сме направиле тотален театар, а резултатот се разбира ќе го кажат публиката и критиката“, вели режисерот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG