Достапни линкови

„На светов убавина“ за почеток на МНТ ФЕСТ


Со концертот на театарски песни „На светов убавина“ на Горан Трајкоски и неговите музички собеседници, на 19 април, во 20 часот, ќе започне третото издание на МНТ ФЕСТ. На манифестацијата, до крајот на јуни ќе бидат прикажани бројни гостувачки проекти на театри од Полска, Италија и од нашава земја, а во средината на јуни, само неколку дена по светската преимера на „Соларис“ на Андреј Жолдак во Виена, овој копродукциски проект доаѓа во националната куќа и пред македонската публика.

Горан Трајкоски, еден од клучните творци во современата македонска музичка мисла, некогашен член на култните ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА, МИЗАР, АНАСТАСИЈА...и исклучително плоден автор на театарска музика во изаминативе две децении, конечно се реши сето она што „наменски“ го создавал да го сподели со пошироката публика. И, тоа не како документиран продукт, туку како концерт на театарски песни и проект со кој ќе започне третото издание на МНТ ФЕСТ, манифестацијата на неговата матична куќа.

Секогаш сум повеќе настроен кон изведување во живо и поборник на песната како музичка форма отколку на инструменталната музика која што, да речеме, преовладува во театарот бидејќи нели зборот во театарот најчесто му е посветен на актерот и на изговорениот а не пеаниот збор.

„Секогаш сум повеќе настроен кон изведување во живо и поборник на песната како музичка форма отколку на инструменталната музика која што, да речеме, преовладува во театарот бидејќи нели зборот во театарот најчесто му е посветен на актерот и на изговорениот а не пеаниот збор. Но, сите овие години наназад се насобра еден поголем збир од театарски песни којшто и во најголем дел сум ги работел со Дејан Пројковски како режисер и таа моја некоја желба и еден вид желба на некои мои луѓе еве ќе биде остварена на престојниот концерт „На светов убавина“.“

Трајкоски вели дека се работи за една збирка од некаде 17-на песни изведени во 10 театарски претстави во периодот од 2003 до 2013 година заклучно со „Вечната куќа“ со која што беше отворен новиот објект на Македонскиот народен театар.

Музиката би можел да ја подели во три дела иако песните нема да бидат изведувани по блокови. Дека едниот дел ги изведува вокално самиот, другиот Елена Христова од БАКЛАВА со која го потпишаа „Биоскопија“, а третиот Арна Шијак која се појави во неговиот проект „Циркус Еуропија“. Појаснува дека според вокалистите е и сензибилитетот и типот на музиката – еден дел е кабаретско-театарски, другиот епски и заснован на некојси фолклорни мотиви и третиот со црковни влијанија, со псалмични елементи.

По прв пат на сцена ќе биде придружуван од поголем оркестар во кој се уште и 12 инструменталисти, негови пријатели и собеседници од бројни проекти во минатото, дејци како Игор Василев НОВОГРАДСКА, Сашко Костов...или Игор Зотиќ, Марија Ѓаковска, Петар Христов, Горан Јаневски, Дејан Теодосиевски, Анастасиј Иоану и други.

Тие ќе посегнат по она што Трајкоски го изнедри од себе давајќи им свој личен печат на претставите „ММЕ кој прв почна“, „Делириум за двајца“, „Бегалка“, „Ромео и Јулија“, „Последниот ден на Мисирков“, „Црнила“, „Р“, „Карамазови“ и „Вечната куќа“.

А, појаснувајќи го насловот Трајкоски знае да каже дека „На светов убавина“ е парафраза од Шекспировиот „Хамлет“ каде овој вели дека „Човекот е убавината на светов“.

„Јас се обидов да си играм со тие зборови. Исто така со мислата на Достоевски дека убавината ќе го спаси светот. Помеѓу тие две спротивставености, го избрав како наслов. Втора од работите е што песната на „Светов убавина“ е водечка тема во претставата „Хамлет“ во режија на Дејан Пројковски, во Драмски театар пред неколку години. Истата таа песна е и еден вид на мисла водилка. Поточно мислата водилка беше: Да се биде или не, сега не е прашање! За таа претстава е направена таа песна. Избирани се зборови од таа претстава или поточно со помош на есејот што во програмата на претставата го напиша господинот Јордан Плевнеш, може секако да го разбереме...јас не сум оној што треба да го толкува тоа бидејќи сè што сум сакал да кажам сум кажал преку тие зборови за убавината на светот и затоа не би навлегувал во длабокото да се самоанализирам што е малку бесмислено.“

Режисерот Дејан Пројковски, пак, појаснува дека во еден момент во уметноста како и во сите други работи зборовите се малку да ги објаснат емоциите, чувствата или световите кои што ги креираме. Тој потенцира дека Горан Трајковски во процесот на работа го чувствува „како една машина за декодирање на тие емоции или состојби на духот“. Истакнува дека тие имаат зад себе некаде над 30-тина претстави и дека важносно е тоа што „постојано се изненадуваат“. Со секоја идна соработка повторно се реоткриваат.

„Горан Трајкоски е еден од најголемите театарски уметници со тоа се надевам ќе се согласиме сите. Тој е човек кој со своето присуство дава идентитет, печат на македонскиот театар, а од друга страна ја носи оригиналноста. Една од најважните работи во уметноста е да се влезе во една просторија, но не низ вратата којашто ја знаеме сите. Или да се пронајде клучот којшто го немаме. Него постојано го држи возбудата. Горан е еден од соработниците кој што не сум го сменил досега. Композиторот во денешниот театар е еден од авторите на претставата. “

Имајќи го ова на ум не чуди кога Пројковски истакнува дека со Трајкоски наскоро ќе ја почнат работата на претставата „Бура“ во Црногорско народно позориште, „Ромео и Јулија“ во Истанбул и дека подготвуваат еден голем заеднички проект базиран на псалми.

Инаку, „На светов убавина“ е во продукција на МНТ и веќе се преговара по премиерата во Скопје да гостува и во национални театарски куќи на други земји. Згора на тоа планирано е песните да се снимат во студио и потоа материјалиоте да бидат документирани на носач на звук.

По ваквиот несекојдневен вовед МНТ ФЕСТ 2016 ќе продолжи на 20 април во црквата „Пресвета Богородица“. Триесетина учесници од „Wegajty Music School“ од Полска в среда од 20 часот во храмот ќе го изведат проектот „Ludus Pasionis“, проект со доста специфична театарска форма, која е блиску до средновековните литургиски претстави.

Месец мај, пак, ќе биде во знакот на италијанскиот тетар. Љубителите на тетарот ќе имаат можност да ги видат „Сон на летната ноќ“ - претстава со млада актерска екипа на ФАКТОРИ ТЕТАР, потем театарот ПРИНЦИПОАТИВО ќе го видиме со порект базиран на делата на писателот Луиџи Пирандело, следува и танцова претстава во изведба на „Роберто Кастело компани“ од Лече, како и една проекција на документарецот „Земјата во која дрвјата летаат“ снимен оваа година и посветен на познатиот Еуџенио Барба, основач на театарот ОДИН. Гостин на проекцијата ќе биде еден од режисерите од Милано, а на почетокот од јуни ќе биде организирана и работилница за актери во соработка со уметниците од овој театар.

Договорени се уште неколку други ексклузивни претстави, а како посебност за годинешното издание на Фестивалот се најавува и македонската премиера на „Соларис“ на Андриј Жолдак, копродукција со „Виенер фест вохен“, еден од најголемите европски театарски фестивали.

„Се работи за голема и сериозна театарска продукција. Мислам дека „Соларис“ ќе биде една од претставите која ќе ја одбележи оваа театарска сезона во Македонскиот народен театар, а ние ќе имаме можност да ја видиме по трите премиери на 10, 11 и 12 јуни во Виена“, вели Пројковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG