Нема план Б за Македонија, решавање на името, па НАТО

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Столтенберг до Заев - Ти си мојот херој

Нема друг начин да се влезе во НАТО без решение на проблемот со името, порача Генералниот секретар на НАТО. Тој го охрабри премиерот Заев за реформите и побара поголема соработка власт - опозиција.

Пријателски гестови, но и конкретна порака дека без решение за името не може во НАТО испрати генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг по дводневната посета на Македонија. На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата тој неколкупати го нарече и негов пријател, го охрабри за реформите што се спровеле и ги поздрави напорите за решавање на проблемот со името со Грција оти, како што рече, немало план Б.

Нема друг начин да се влезе во НАТО без решение на проблемот со името и тоа беше јасно кажано неколкупати. Прво беше кажано на Самитот на НАТО во 2008 година, а потоа беше повторено и на самитот во Велс во 2014 година и уште еднша на НАТО самитот во Варшава во 2016 година. Нема друг план Б за приклучување во НАТО, освен решавањето на прашањето за името“, рече Столтенберг.

Тој ги повика сите страни конструктиво да работат во интерес на сите граѓани и како што рече, ја поттикнува владата конструктивно да соработува со опозицијата, а и опозицијата со Владата.

Премиерот Заев, пак, рече дека Владата создава услови за градење национален консензус и со претседателот на државата и со опозицијата за завршување на интеграцијата во НАТО. Активно и посветено создаваме амбиент за надминување на проблемот што го има Грција со нашето уставно име, рече Заев.

Верувам дека создаваме добар моментум за последниот заеднички исчекор. Искрено очекуваме Република Македонија да биде 30-тата земја-членка на Алијансата. Работиме за таа цел, заедно со граѓаните и со сите наши партнери земји членки на НАТО“, рече Заев.

Столтенберг на платото пред Владата беше пречекан од премиерот, министри, владини советници. Во зградата влегоа чекорејќи по црвен тепих откако ги пречека гардата и воениот оркестар кој ги отсвири химните на НАТО и на Македонија.

Претходно тој одржа 15 минутен говор во Собранието во кој ги поздрави и потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и носењето на Законот за употреба на јазиците. Исто како и на прес конференцијата во Владата и таму неколкупати ги спомена крвавите настани од 27 април во Собранието.

Пред девет месеци се приближувавте кон работ на една карпа, а оттогаш претворивте една држава од потенцијална нестабилност кон држава на реална можност и денеска вратата е отворена, рече генералниот секретар.

Настаните во оваа зграда во април минатата година во самата оваа сала ме шокираа, но претставуваа шок и за сите членки на НАТО. Сепак, бевме импресионирани од она што го видовме од тој ден натаму, од напредокот што го направивте. Сакам да го признаам напредокот што сите го сторивте“, рече Столтентеберг.

Неговиот говор го следеа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ја бојкотираат работата на парламентот поради приведувањата поврзани со априлските насилства во Собранието. Пратеникот Владимир Ѓорчев кој присуствуваше на средбата на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со Столтенберг рече дека го информирале гостинот дека приведувањата се политички прогон на неистомислениц и дека немало демократски амбиент да се вратат во Собранието.

За време на посетата генералниот секретар на Алијанста се сретна и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска-Јанковска, претседателот Ѓорге Иванов, собранискиот спикер Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Додека Столтенберг беше во зградата на парламентот пред неа околу педесетина луѓе протестираа и собираа потписи против, како што велат, носењето на некои закони и промената на името.