Неизвесен Конгресот за избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Архивска фотографија-пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошовски и Илија Димовски

На три дена пред одржувањето на конгресот за избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, триесетина високи партиски членови испратија писмо во кое обвинуваат за фаворизирање на еден кандидат и бараат одложување на конгресот. Портпаролот Котевски најави дека за ова ќе се разговара во партијата.

Трајко Вељаноски, Антонијо Милошоски и Илија Димовски се меѓу триесеттемина потписници на писмото со кое се бара одложување на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ закажан за в петок и сабота во Валандово. Во писмото испратено денеска, тие наведуваат дека тоа го бараат поради информациите од членството на терен, кои, како што пишуваат, говореле дека во спроведување на процедурата за избор на претседател на партијата имало еден кандидат кој бил очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво.

Портпаралот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски на прашањето на Радио Слободна Европа за реакција на писмото вели дека станува збор за внатрепартиско прашање.

„Ова прашање ќе се дискутира на престојните состаноци на партиските органи, по што ќе биде заземен став“, вели Котевски.

Потписниците, пак, очекуваат Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на закажаните седници за оваа среда и овој четврток неделава да ги уважат и прифатат овие, како што пишуваат, добронамерни предлози.

Инаку во писмото тие наведуваат дека се залагаат за принципи и вредности, а не за личности, затоа што „ВМРО-ДПМНЕ не е една личност, не е група од неколку или повеќе личности, туку е идеја за слобода, демократија и напредок на Македонија“, наведуваат потписниците кои пишуваат и дека сакале да укажат на сериозните проблеми настанати во процесот на организирање и спроведување на конгресот.

„Се користат партиски ресурси само за еден кандидат. Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат. Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат. Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат. Се на се, жалиме што мораме да констатираме дека Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 22 и 23 декември под овие околности не гарантира демократски и транспарентен процес за легитимен избор на Претседател на партијата“, наведуваат потписниците.

Тие тврдат и дека пред да го објавеле јавното писмо, дел од нив, повеќепати алармирале и разговарале со највисоките партиски функционери, но за жал до сега немало никаква ефективна реакција.

Истакнататите партиски членови предлагаат седум начини за решение. Бараат Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да донесат одлука за зголемување на бројот на делегати на Конгресот од 544 на најмалку 5.000 делегати, да донесат одлука за одложување на Конгресот за 24 и 25 Февруари 2018 година, да назначат колективно претседателство од 3 до 5 членови кои ќе ја раководат партијата до одржување на Конгресот, да забранат користење на партиската инфраструктура за потребите на кој било кандидат, да овозможат делегатите да ја пријават секоја принуда, закана или притисок од кој било кандидат или негови официјални претставници, да забранат на официјални лица на раководни позиции да ја користат партиската инфраструктура во полза на еден кандидат, да се овозможи на актуелните претседатели на Општинските комитети и актуелните пратеници да бидат делегати на Конгресот.

Потписници на писмото, покрај Милошоски и Димовски, чии имиња се споменуваа како можни кандидати за претседател на партијата, се и основачите на ВМРО-ДПМНЕ Борис Змејковски, Владо Трнталовски, Васил Наумов, Дијана Трнталовска, Драги Арсов, Ѓорги Боев, потоа Ѓорги Наумов, Иван Иванов, Благоја Деспотоски, Крсто Јовановски, Жарко Караџоски, поранешните градоначаници Никола Бакрачески и Борче Стамов, Илчо Захариев, поранешната министерка Марта Арсовска Томовска, потоа Трајчо Димков, Магдалена Манаскова, Слаѓана Митовска, Ристо Манчев, Павле Саздов, Александар Колев, Горан Манојловски, Александар Митов, Нола Исмајлоска Старова, Милан Ристевски, Нада Ципушева и Невенка Стаменковска.

Од потписниците тројца се членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се Димовски, Милошоски и Трнталовска.