Судиите во Врховниот суд донесоа одлука дека мерката може да стапи во сила иако пред пониските американски судови се уште се во тек процеси за нејзино оспорување.
Со оваа одлука не се согласија судијките Рут Бадер Гинсбург и Соња Сотомајор кои во составот на Врховниот суд беа наименувани од поранешниот претседател Барак Обама.
Потегот на Врховниот суд значи дека забраната во иднина ќе важи за граѓаните на Чад, Иран, Либија, Сомалија, Сирија и Јемен.
Портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли, ја поздрави одлуката, додека министерот за правда Џеф Сешнс ја оцени како „значајна победа за безбедноста и сигурноста на американскиот народ“.
Трамп една недела по стапувањето на функцијата во јануари годинава се обиде да ја спроведе забраната, наведувајќи дека тоа е со цел заштита на САД од тероризам од страна на исламските милитанти.
„Ова е заштита на нацијата од странските терористи кои влегуваат во САД. Сите знаеме што значи тоа“, рече тој.
Американската унија за граѓански слободи и другите организации за човекови прават ја критикуваа забраната како дискриминација на муслиманите и кршење на американскиот Устав.
Пониските американски судови од тогаш донесуваа одлуки со кои ја оспоруваа забраната.
Според нивните образложенија, граѓаните на овие земји имаат роднини во Соединетите Држави и затоа не може да им биде забранет влез во земјата.
Врховниот суд соопшти дека пресудите на пониските судови за блокирање на забраната треба да бидат стопирани се додека апелационите судови во Сан Франциско и Ричмонд, Вирџинија не донесат одлука за уставноста на мерката за забрана за влегување во Соединетите Држави.
Овие судови треба да заседаваат во текот на оваа недела.
Инаку, забраната на Трамп за влез исто така важи и за државјани на Северна Кореја и Венецуела, но пониските судови претходно решија дека таа може да се преминува.