Брисел со насоки за клучните реформи 3-6-9

Реформите во судството, администрацијата и безбедносните служби, се трите области кои еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги спомена како итни за Македонија да добие позитивна препорака. Од Владата велат дека реформите од Планот 3-6-9 се во тек. До крајот на годината може да се очекува да бидат усвоени реформите во правосудството и во јавната администрација.

Областите кои ги идентификува Хан се во сржта на извештајот на експертската група на Рајнахарт Прибе. Експертите потенцираат дека реформите во трите области на некој начин меѓусебно се поврзани во решавање на проблемот со прислушувањето и негово процесуирање низ правниот систем на државата.

„Третата реформа на безбедносните служби и контролата на прислушувањето е најдиректно во сржта на кризата и поткопување на демократските процеси. Во оваа област се уште се дискутираат измените на законите. Оваа област и најмногу се држи надвор од јавноста досега. Но не изненадува фактот на изборот на овие три области зашто ЕУ очекува напредок во наредните шест месеци во овие области од извештајот на Прибе, бидејќи се начин на кој може да почне решавањето на проблемите“, вели Симонида Кацарска од Институтот за Европски политики.

Во меѓувреме Владата добива насоки од Брисел и други релевантни тела за приоритетните реформи на разузнавачките служби предвидени со планот 3- 6- 9.

Во потрага по решенија за реформи на безбедносните служби Парламентарна делегација во која учествува потпретседателката на Собранието Фросина Ременски престојува во Женева. Претходно кон крајот на октомври делегација на Владата предводена од премиерот Зоран Заев имаше средба со амбасадорот на ЕУ Семуел Жбогар, амбасадорот на САД Џес Бејли, на Велика Британија Чарлс Гарет, и неколку други амбасадори на која беше презентирана можноста во идните реформски активности на безбедносните служби да се вклучи Институтот за Демократска контрола на вооружените сили на Женева. На оваа средба премиерот укажа дека државата е подготвена да ги подржи финансиски овие реформи со сопствени средства имајќи ги предвид значењата за реформите и нивната улога во забрзување на евроинтегративните процеси.

Од Владата велат дека реформите од Планот 3-6-9 се во тек. Декември е крајниот рок до кој треба да се реализира планот од шест месеци, а до март треба да се имплементираат реформите до крај.

Еврокомесарот Хан рече дека ако се реализираат итните реформи Македонија во февруари може да очекува позитивна препорака за почнување на преговорите за членство во ЕУ.

Според проценките на експертите до крајот на годината може да се очекува да бидат усвоени стратегијата за реформи во правосудството и Стратегијата за реформа на јавна администрација.

„Доколку зборуваме за крајот на годината освен да ги усвоите стратегиите во овие области не може повеќе да направите до крајот на годината, зашто зборуваме за уште еден месец. Законите кои се внатре во стратегиите нема да може да се донесат до тогаш. Идеално би било стратегијата за реформи во правосудството и Стратегијата за реформа на јавна администрација со јасен распоред што ќе се носи во наредните шест месеци да бидат усвоени дотогаш. Барањето е да има јасна насока и стратегија за наредната година каде се клучните интервенции во овие области“, вели Кацарска.

Инаку во Собранието на дневен ред на седницата закажана за во сабота, прва точка на дневен ред е избор на нов јавен обвинител, а потоа следуваат измените на законите поврзани со судството.

Клучни закони од планот од шест месеци во судството се законот за судови и законот за судскиот совет. До крајот на годината треба да се измени и законот за престанување на законот на Советот за утврдување на факти, а се очекува и првиот извештај за функционирање на АКМИС системот за електронско распоредување на предмети во судовите.