Сојузниците на Соединетите Американски Држави и други земји се затекнати од ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека може да се откаже од нуклеарниот договор меѓу светските сили и Иран.
Трамп, во долгоочекуваниот говор на 13 октомври, вети дека ќе го засили притисокот врз Иран. Тој првин ја претстави стратегијата кон оваа земја и рече дека во Иран има „непријателски режим“. Трамп се закани дека САД ќе се повлечат од договорот, ако Техеран не ги надмине сериозните пропусти. Трамп го критикуваше Техеран дека неколкупати го прекршил духот на договорот, со тоа што континуирано тестира балистички проектили и со тоа што им даваа поддршка на екстремистите на Блискиот Исток.
Договорот беше потпишан во 2015 година, од тогашниот претседател на САД, Барак Обама. Техеран се согласи да ги намали своите нуклеарни активности во замена за ослободување од меѓународните санкции. Други потписници на договорот се Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија.
Во заеднички документ, потпишан од германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и британската премиерка Тереза Меј, се критикува одлуката на Трамп да не го потврди постојаниот договор со Иран.
„Ја охрабруваме американската администрација и Конгресот да ги разгледаат импликациите по безбедноста на САД и на нејзините сојузници пред да преземат какви било чекори кои може да го поткопаат договорот“, се наведува во заедничкото соопштение на лидерите на Франција, Велика Британија и Германија.
Во одделна изјава, Макрон рече дека го уверил иранскиот претседател Хасан Рохани дека Франција останува посветена на нуклеарниот договор.
Како одговор на говорот на Трамп, Рохани во телевизиското обраќање рече дека САД „се спротивставуваат на меѓународен договор“ и дека тоа ќе доведе до изолација на Вашингтон.
„Денес, САД се повеќе од кога и да е против нуклеарниот договор и повеќе од кога и да е против иранскиот народ“, рече Рохани.
Техеран ќе остане на договореното, се додека иранските интереси се зачувани, рече иранскиот лидер и отфрли можност во договорот да се вклучуваат нови клаузули.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Ријабков изјави дека се крајно загрижени што Трамп повторно отвора прашање што е решено со потпишување на меѓународен договор. И Ријабков, исто така, ја отфрли сугестијата дека може да се направат измени на договорот, велејќи:
„Имам големи сомневања за овие предлози. Сега додавањето на нешто во документот, промена на нешто во него, според мое мислење, би било исклучително проблематично“, вели Ријабков, објави Интерфакс.
Кина не реагираше по говорот на Трамп, но претходно го повика Вашингтон да го зачува договорот.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, рече дека силно се надева оти договорот ќе остане на сила.
Поранешниот американски државен секретар, Џон Кери, кој преговараше за договорот, го обвини Трамп за „создавање на меѓународна криза“ и рече дека сега зависи од другите страни во договорот, како и од САД, да видат „возрасни“ и да не дозволат договорот да пропадне.
Саудиска Арабија, која е голем ривал на иранската влада на Блискиот Исток, соопшти дека ја поддржува „цврстата стратегија на Трамп“. Израел исто така го пофали потегот на Трамп како храбар чекор.