Македонија 26 години бавно се движи по вистинскиот пат

Македонија и по 26 години останува на патот на евроатлантските интеграции, но по тој пат се движи премногу бавно, а понекогаш се чини дека само стои.

Да беше Македонија човек, сега ќе ја достигнеше полната зрелост. Веќе немаше да може да биде здравствено осигурана преку родителите, не ќе може да живее со семејната пензија или да ги користи поволностите за млади, кои според закон вообичаено важат до 26-годишна возраст.

Со прележани детски болести, пубертетски бубачки и адолесцентски кризи, Македонија сега влегува во „светот на возрасните“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Прослава за 26-годишнина од самостојноста на Македонија

Тито Петковски, кој беше пратеник во првиот пратенички состав во самостојна Македонија, вели дека амбициите, желбите и очекувањата на граѓаните од пред 26 години сериозно се изневерени. Постојано се вртиме во круг, дојдовме до ситуација Македонија практично да се бори за своето опстојување на меѓународната сцена и за опремување на државата со сите институции и со целата државна инфраструктура којашто требаше да ја направиме уште пред четврт век, вели тој.

„Доминацијата на национализмот, на националистичките партии практично ја доведе Македонија во ситуација да се бори за својата државност, за својата меѓународна афирмација, да го докажува идентитетот пред сите, и внатре и надвор, така што Македонија и после толку години е држава на почеток на градењето на својот идентитет и на градењето на државните структури. Жално е, но вистинито“, вели Петковски.

Неговиот колега од првиот пратенички состав Насер Зибери вели дека Македонија е изведена на вистинскиот пат, но по тој пат се движи многу бавно. Пред 26 години имавме многу големи очекувања, вели тој.

„Остануваме на евроатлантскиот курс со надеж за интегрирање во НАТО и во ЕУ за едно попросперитетно граѓанско општество со поголеми слободи и права и со една правна заштита и стабилност, меѓутоа тој тренд некако бавно се случува и се одвива. Зрелоста изгледа не стасува само со годините, треба и малку повеќе ангажман, одговорност и знаење“, вели Зибери.

Во изминатите 26 години на Македонија ѝ се случија и подеми и падови. Во периодот кога се прогласуваше независноста земјава ги избегна војните кои беснееја на просторите на поранешна Југославија, го преживеа грчкото ембарго, огромната инфлација и косовската бегалска криза, но потоа, во 2001 година се соочи со конфликт на сопствената територија кој резултираше со Охридскиот рамковен договор.

Спорот за името со Грција, пак, прерасна во нерешлив децениски проблем кој ги кочи евроинтеграциите, а се чини дека сè уште не е најден лек за сиромаштијата, невработеноста и иселувањето на младите.