Достапни линкови

Ниските плати ги избркаа младите од земјата


Речиси и да не постои маало во Македонија од коешто нема барем еден млад човек што заминал во странство. Последното истражување на фондицијата Фридрих Еберт покажува дека 80 проценти од нивните испитаници размислуваат да се преселат во друга држава.

Ниските плати, лошите работни услови, неплатената прекувремена работа, несигурноста при вработувањето, како и самата невработеност се дел од причините кои ги потикнуваат младите од Македонија, да си спакуваат еден мини куфер со билет во еден правец в рака, и да си ја пробаат среќата надвор од земјата. Состојбата во која младите се само слика без тон во ова општество, дополнително го забрзува нивниот пат кон некоја од западноевропските земји. Младите кои што ги анкетиравме велат дека сакаат да си одат од Македонија, затоа што не можат да си го исполнат својот потенцијал, ниту своите желби.

„Јавна тајна е дека сè поголем број на млади луѓе се обидуваат да се иселат од земјата, брат ми е веќе две години во Австралија, отидени се со студенската виза, тоа се обидувам јас да го направам истото со мојот сопруг.“

„Затоа што со 200 евра плата ништо не можеш да направиш.“

„Нормално секој сака подобра плата, подобро место за живеење, почист воздух. Тоа се најчестите причини поради кои младите ја напуштаа земјата,“ велат анкетираните.

Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум вели дека заминувањето на младите од Македонија е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме, а речиси и не постои човек кој нема некој близок што заминал да живее во странство.

„Знаеме дека младите чекаат и до четири години до своето прво вработување, знаеме дека кога тоа ќе се случи, платите се ниски, а често и условите се некоректни. Тоа е една од причините која ги брка младите од Македонија е потрагата по подобра работа и финансиска независност“ вели таа.

Според минатогодишната анализа на фондацијата Фридрих Еберт стапката на невработеност кај младите изнесува 52,9 проценти, со што на светската мапа го зазема третото место, веднаш после Босна и Херцеговина и Грција. Речиси 80 проценти од испитаниците одговориле дека размислуваат да се преселат во друга држава, од кои 31 отсто посочиле дека сериозно размислуваат по ова прашање. Како причини за таквото размислување повеќе од половина ги навеле подобрите услови за живот надвор од земјата, а потоа следуваат и поголеми шанси за вработување, подобри услови за работа, поголеми примања и напредување во кариера. Речиси половина од невработените млади кои се анкетирани истакнале дека ако не ја најдат работата што ја посакуваат, тие се подготвени да се откажат од својата професија доколку најдат каква било работа, додека 38 проценти од испитаниците би ја смениле професијата за повисока плата.

Македонија нема статистика колку луѓе се иселиле од земјава. Последниот попис во државата се спроведе во 2002 година. Според статистичката служба на Европската унија - Еуростат, во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, од кои најголемиот дел се млади луѓе. Според Светска банка, пак, заклучно со 2010 година од државава се иселиле 447 илјади граѓани.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG