Зголемувањето на пензиите на неколку дена пред изборите несомнено ќе влијае во одлучувањето за кого пензионерите ќе го дадат својот глас, но тешко е да се прогнозира во колкава мера ќе биде тоа влијание.
Владата одлучи да ги зголеми пензиите, почнувајќи од ноемвриската, која се исплаќа на почетокот на декември, на десетина дена пред изборите, за 670 денари. Прво беше предвидено пензиите да се зголемат од септември, но владата го одложи зголемувањето за да биде точно пред изборите.
Пензионерите во земјава добиваат и низа погодности како што се бесплатен туристички викенд, бесплатен автобуски и железнички превоз или бесплатна бањска рекреација. Во земјава има над 300 илјади пензионери од кои голем дел се гласачи, па тоа ги прави многу посакувана гласачка група.
Политичкиот аналитичар Никола Спасов вели е тешко да се одговори на прашањето во колкав обем ќе влијае покачувањето на пензиите врз резултатите од изборите.
„Сигурно дека е партијата проценила дека со ова тие може дополнително да го стимулираат ова гласачко тело коешто е многубројно и коешто е важен фактор во носењето на победата на следните избори. Во Македонија има околу 300 илјади пензионери, од коишто најголем дел се гласачи, така што тие како посебна група може многу да влијаат на исходот. Особено ова е важно ако се земе предвид дека во последните неколку години има големо иселување од Македонија и тоа пред сè од помлади граѓани, што дополнително ја зголемува тежината на гласот на ова гласачко тело“, вели тој.
Од друга страна, нејасно е како ставањето на пензионерите во фокусот ќе се одрази на младите гласачи. Спасов вели дека од комуникациски аспект е тешко да се објасни дека покачувањето на пензиите се прави од задолжувања кои ќе треба да ги враќаат младите генерации.
Граѓанскиот активист Владимир Делов, кој пред дипломирањето беше активен во Студентскиот пленум, вели дека тоа што пензионерите се задоволни со ситни покачувања покажува колку е евтин гласот во Македонија.
„Владата не може да ја гледа иднината на својата држава во пензионерите, но таа, како партија на власт, го гледа својот опстанок токму во нив. Кога личните и партиски интереси се ставени пред општите интереси, нормално е како последица државата да ни назадува. Од друга страна, младите долги години не беа активни гласачи, нивната излезност беше помала, партиите не беа заинтересирани за нив и всушност немањето визија за сопствената младина доведе до тоа голем број на млади да го бараат својот опстанок и иднина надвор од државата“, вели тој.
Владата се пофали дека со последното покачување, просечната пензија ќе достигне 13.750 денари. Опозицијата, пак, реагира дека владата се фали со покачувања кои на пензионерите и онака им следуваат по закон.