Достапни линкови

Јавниот долг со загрижувачки размери


Јавниот долг на Македонија достигна 4 милијарди и 760 милиони евра и ја надмина психолошката граница од 50 отсто од БДП-то. Експертите предупредуваат дека задолженоста е на опасна граница, опозицискиот СДСМ најави ревизија на сите задолжувања, а Министерството за финансии реагира дека половина од овој долг е направен токму во време на СДСМ.

Јавниот долг се наоѓа на опасна граница, вели професор Марјан Петрески од Американ колеџ, коментирајќи ја информацијата на Министерството за финансии дека јавниот долг достигна рекордно ниво и изнесува 50,6 отсто од Бруто домашниот производ.

Професор Петрески вели дека јавниот долг надмина 50 отсто од БДП-то уште во моментот кога Македонија се задолжи со последната еврообврзница во текот на летото, но податокот е јавно публикуван вчера.

„Проблемот со јавниот долг е тоа што голем дел од надворешните задолжувања што ги прави Македонија се за недоволно јасно трошење на овие средства, односно да бидам попрецизен се стекнува впечаток во јавноста дека со тие средства се покриваат сите текови трошења, односно оние зголемувања кои владата ги ветува секоја година на пензионерите, на примателите на социјална помош, на вработените во јавната администрација, така што, ако гледаме од таа гледна точка, јавниот долг веќе поприма загрижувачки размери, односно веќе се наоѓа на една опасна граница“, вели Петрески.

Министерството за финансии објави дека заклучно со третиот квартал долгот изнесува четири милијарди и 760 милиони евра. Тоa е раст од над 486 милиони евра во споредба со претходното тримесечје.

Според податоците на Министерството, во 2006 јавниот долг изнесуваше 33,2 отсто од БДП. Во 2008 е регистриран најнискиот процент, односно 23 отсто од БДП, а од тогаш постојано расте и сега е удвоен. Државниот долг, пак, изнесува 41,9 отсто од БДП.

Дополнителниот заменик–министер за финансии Кире Наумов повторно обвини дека владината политика ги става и сегашните и идните генерации во должничко ропство. Тој преку соопштение наведува дека во текот на 2016 година јавниот долг дневно се зголемувал за 2 милиони евра.

Владата зголемувањето на долгот го правда со задолжувањето преку еврообврзница со 450 милиони евра. Наумов го демантираат повикувајќи се на Еуростат, кој ја рангира Македонија меѓу најниско задолжените земји во Европа.

Директорот на Светска банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели презентирајќи го извештајот за Македонија пред еден месец предупреди дека земјата треба да биде внимателна како се трошат парите од задолжувањето.

„Нема ништо лошо во задолжувањето за да се одржува јавниот долг, и да се покрие фискалниот дефицит. Но, кога се задолжувате, потребно е да ги инвестирате тие средства колку што е можно попродуктивно“, изјави Мантованели.

Во извештајот се наведува дека јавниот долг и понатаму ќе расте и во следните три години ќе достигне 54 отсто од БДП-то. Тоа, според Светска банка се должи на тоа што Владата и покрај тоа што најавува фискална консолидација, не ја спроведува.

И професор Петрески вели дека е важно за што се трошат парите од задолжувањето. Доколку парите се потрошеа попродуктивно, јавен долг од 50 отсто од БДП-то немаше да биде опасно ниво, вели тој. Посочува дека јавниот долг оперира околу една граница која е опасна, и дека по изборите, идната власт треба да ја смени политиката на јавно задолжување.

„Најпрво да се стабилизира долгот околу сегашното ниво, а на среден рок да се размислува и за негово намалување. Тоа може да се постигне на среден до долг рок само ако се задолжуваме за продуктивни цели, односно секогаш кога излегуваме на меѓународниот пазар, без оглед дали е тоа преку еврообврзница, преку банкарски кредити итн., јавноста да ја знае точната употреба на тоа задолжување“, вели Петрески и додава дека и во продуктивните инвестиции, треба да се дискутира за приоритети, оти не може се одеднаш да се финансира.

СДСМ најави ревизија на сите задолжувања

Опозицискиот СДСМ денеска обвини дека за последниве девет месеци власта го зголемила вкупниот јавен долг на Македонија за над половина милијарда евра и порача дека ќе има ревизија на сите задолжувања на граѓаните.

„Ова значи дека секој граѓанин на Македонија е задолжен со 2.274 евра. Секое бебе се раѓа со долг од 2.274 евра. Вкупниот јавен долг ги надмина ризичните 50 проценти од БДП, како што предупредувавме и како што предупреди и Светска банка кога изрази загриженост за огромните задолжувањата на Македонија“, велат од СДСМ.

Дополнително за денеска, посочуваат, најавено е ново задолжување на домашниот пазар од Министерството за финансии од 61.5 милиони евра.

Министерството за финансии, пак, реагира дека половина од долгот на државата за кој СДСМ најавува дека ќе направи ревизија е наследен од нив.

„Го охрабруваме СДСМ да каже за што се земени кредити за долгот кој тие го акумулирале“, се наведува во реакцијата во која се посочува дека во изминатите години има „интензивни инвестициски активности во инфраструктурата“.

„Манипулацијата на опозициската партија оди дотаму што презапишувањето на доспеаните хартии од вредност ги прикажува како ново задолжување“, се наведува во реакцијата од Министерството за финансии.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG