Министерството за финансии за оваа недела не закажа аукција на државни записи, согласно календарот објавен на веб-страната на институцијата. Од Министерството соопштија дека аукцијата е откажана со цел да се сведе домашното задолжување по основ на државни хартии од вредност кон нула, со што ќе се остават повеќе ликвидни средства во стопанството за кредитирање на бизнисот. Дополнителниот заменик министер Кире Наумов вели дека се работи за скандалозен, срамен и неуспешен обид на министерството да прикаже наводна грижа за стопанството.
„Значи денешната аукција на државни хартии од вредност не е откажана и основата е тоа, а вистината е дека во наредниот период од седум дена до наредната предвидена аукција не доспеваат долгови за враќање кон домашните кредитори. Скандалозно е тоа што и претходниот министер кој го одобрил овој календар знаејќи дека постои неликвидност, односно плашејќи се од тоа дека во која било недела од месеците коишто следеа во оваа година може да бидеме пред банкрот, закажа аукции за секој вторник и кога треба и кога не треба“, вели тој.
Според Наумов, аукциите ќе се одржуваат секогаш кога доспеваат средства за враќање и тој потсетува на, според него, незаконското издавање на еврообврзницата од 450 милиони евра, како и зголемувањето на јавниот долг од 5 милиони евра со последната аукција од пред седум дена.
Економскиот аналитичар Фатимир Батичи смета дека таквата одлука се должи на самата проекција на доспевање на обврските од страна на стопанството кон државата отколку немањето потреба од задолжување.
„Но, друг фактор е тоа што ние имавме прилично големо задолжување пред месец дена од 450 милиони евра, кој е што сметам дека без разлика што беше кажано ќе се користи дел и за следната година. Затоа сега можеме да имаме вакви ситуации кога Владата несакајќи да отвори уште поголема дебата дали, како и колку се задолжува да се најдеме во ситуација да одложува или нема да го направи тој чекор што е нормален“, вели тој.
Батичи додава дека од сите страни има поголеми побарувања по основ на враќање на ДДВ, иако никогаш не се знае точната сума која им се должи на фирмите и по основ на договорни обврски за кои исто така не се знае точната сума на побарувања.
„Во таква ситуација лесно е да правиш политики, чекори и да даваш изјави кои што сега во принцип ги имаме и сметам дека во суштина Владата е за очекување дека во овој период така ќе се однесува“, вели тој.
Во септември доспеваат за враќање осум аукции, а предвидени се две нови. Ова е седма аукција која Министерството за финансии ја имаше предвидено, а не ја одржа.