Еден напред, два назад, па три пати во место можеби е најдобриот опис на македонската економија во изминатите четврт век независност. Од осамостојувањето граѓаните преживеаја болна транзиција, приватизација која многумина ја опишуваат како криминална, грабеж преку пирамидални штедилници, илјадници луѓе останаа без работа, индустрија беше речиси уништена. Од друга страна, економијата се трансформираше од планска во пазарна, беше воведена македонска валута, огромната инфлацијата беше ставена под контрола, а денарот стабилизиран.
Професор Зоран Ивановски вели дека во изминативе 25 година повеќе не успеавме, отколку што успеавме на економски план. Не успеавме доволно да ја смениме структурата на економијата, која остана на производство со ниска додадена вредност. Нашиот најголем проблем останува високата стапка на невработеност, вели тој, и додава дека не успеавме да постигнеме повисоки стапки на економски раст кој ќе се одразеше на животниот стандард на граѓаните. После четврт век, Македонија веќе треба навистина да стане пазарна економија, вели Ивановски.
„Пазарната економија кореспондира единствено со принципите на зрелите либерални демократии кои кратко би се опишале преку владеење на правото, законите и сите оние човекови права и слободи во едно општество, така што тука останува предизвикот за носителите на политиките тоа да го надминат. Клучно за мене како економист е поголемо имплементирање на принципите на либералната економија, да се оди на постепено намалување на улогата на државата како главен претприемач во Република Македонија и да се остави главни, носечки инвестиции во државата да бидат инвестициите на приватниот сектор“, вели тој.
Поранешниот гувернер на Народната банка, професор Љубе Трпески вели дека најголемите успеси на земјава во изминатиот четврт век се на монетарен план, односно во постигнувањето макроекономска стабилност.
„Кога се осамостоивме и монетарно, во април 1992 година, бевме во зоната на хиперинфлација којашто ја наследивме од поранешната држава и требаше со новата валута, без девизни резерви, да направиме чудо и тоа го направивме. За неколку години постигнавме хиперинфлацијата да се сведе на едноцифрена инфлација, буџетскиот дефицит од над 12 да се сведе на под три отсто“, вели Трпески.
Друга важна работа, вели Трпески, е што Македонија со осамостојувањето наследи банкротирани банки кои успеа да ги санира за сега да имаме здрав банкарски систем.