Во Република Турција има голем број на иселеници од Република Македонија и голем број од нив и покрај тоа што во континуитет бараат македонски пасоши, досега немаат позитивен одговор од Амбасадата на Македонија во Анкара. Во Македонското здружение „Броштица“ во Истанбул, општина Кучук Чекмеџе-Сефаќој истакнуваат дека барањата за пасоши се постојани. Осман Лиманоглу е еден од членовите на раководството на здружението во Истанбул. Тој вели дека здружението е место каде броштичани имаат фолклорна македонска група и реализираат други бројни активности. Тој додава дека улогата на оваа здружение е многу голема во однос на организирањето на иселениците.
„Клубот на иселениците од Македонија од селото Броштица во Истанбул во Сефаќој е отворен во 2004 година. Овде се сите членови од Броштица и имаме фолклорна група која ги негува традициите и обичаите од нашето село во Македонија“, вели Лиманоглу.
РСЕ: Колкав е бројот на иселениците од Броштица во Истанбул?
„Ние во Истанбул имаме 400 куќи односно семејства до Броштица и тоа токму во Сефаќој. Тука сме сите заедно и клубот го посетуваат редовно сите Броштичани“, вели Лиманоглу.
Една од најзначајните активности на здружението е и барањето кое е упатено за добивање на македонски пасоши од страна на иселениците. Осман Лиманоглу додава дека голема е желбата на иселениците да добијат македонско државјанство, бидејќи голем број од нив се родени во Република Македонија.
„Ние сакаме да имаме македонски пасоши. Јас сум роден во Македонија, во моето село Броштица, каде што учев сè до седмо одделение. Досега имаме барано како здружение Броштица да се даде пасоши на нашите иселеници во Турција. Сме барале и лично, но досега немаме добиено. Голем е интересот да се добие пасош. Ако имаме пасоши, тогаш ќе доаѓаме почесто во Македонија каде имаме наши роднини, но воедно ако имаме пасоши ќе отвораме и наши бизниси. Бидејќи немаме македонски пасоши, ние мора да добиваме визи во Бугарија или Грција за да дојдеме во Македонија. Тоа се додатни трошоци. Наша желба е да добиеме пасоши и се надеваме еден ден ќе ни дадат пасоши“, додава Лиманоглу.
Иселениците од Македонија во Турција велат дека е голем бројот на иселеници кои велат дека ако добијат македонски пасоши би се одлучиле и да инвестираат во Република Македонија.