Достапни линкови

Во Тетово сите сакаат дуќан да имаат


Продавница за текстил во Тетово.
Продавница за текстил во Тетово.

Тетово, после Скопје, има најголема концентрација на продажни капацитети во трговија на мало. Но поради зголемената конкуренција, многу од дуќаните ги затвораат.

Големата фреквенција на луѓе во Тетово, како градски центар околу кој гравитира население од приближно 300 илјади жители, е најчест мотив многумина да се одлучат да започнат некој вид трговија. Огромниот број продавници, како карактеристика на Тетово, е воочлива и при обична обиколка низ градските улици. Потврда на тоа се и статистичките показатели, според кои, Тетово, после Скопје, има најголема концентрација на продажни капацитети во трговија на мало.

Од друга страна, во таква состојба на зголемена конкуренција е тешко и да се опстои во продажбата. Таков е примерот на 37 годишниот Жарко Настов, кој со сопругата отвориле бутик за женска гардероба, но по извесно време, дуќанот го затвориле.

„Реално малку лошо е сега. Излегоа многу поголеми центри, поголеми бутици, така што за помалите бутици е малку потешко. Проблем е. За егзистенција и тие што работат, работат за една плата за извадат“, вели Жарко Настов.

Економскиот аналитичар Арбен Халили објаснува дека отворањето дуќан се гледа како начин семејствата да обезбедат егзистенција. Оттаму во Тетово се отвориле толку многу продавници, но и има и голем број кои подоцна се затвораат.

„Два показатели има- не може да се очекува сите луѓе да бидат дел од државната администрација и друго - имаме голем број иселеници, има генерација која има свои роднини тука и се обидуваат да ги менуваат тие навики. Тие наместо да праќаат на месечно ниво финансиски средства за да одржуваат дел од нивното семејство, го сменија тоа и сега се повеќе фокусирани, ги охрабруваат луѓето што живеат тука да можат да го извадат својот леб, а тоа е тие пари што ги праќаат на годишно ниво им ги дават еднократно и нормално да можат да почнат мал бизнис доволен за почеток“, смета Арбен Халили.

Бројот на трговски дуќани не може да влијае многу врз целокупната економија и стандард во Тетово, смета Халили. Според него, клучот е во што поголем број призводствени капацитети.

„Иднината за економскиот развој на градот и на Полог, го гледам токму во таа насока, односно отворање на производни капацитети, наместо да се фокусираме кон трговија и услуги“, вели економистот.

Податоците на Државниот завод за статистика, добиени по спроведен попис во трговија во ноември, велат дека во Македонија постојат над 18 илјади трговски субјекти, а речиси 10 проценти се во Тетово.

XS
SM
MD
LG