Советниците се караа за бегалците, а во Битола нема ниту еден

Совет на Општина Битола.

Во Битола нема ни еден бегалец, но се водеше тричасовна расправа во Советот на општината, за тоа како да се спречат да дојдат и останат во градот.

Советниците од локалната опозиција предводена од СДСМ ја напуштија седницата на Совет на Општина Битола, откако советничкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ гласаше за неприфаќање на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци во Македонија, а не гласаа за предлогот на СДСМ да се донесе заклучок дека на територијата на Општина Битола нема да се градат кампови за бегалци.

Во Битола нема ни еден бегалец, но се водеше тричасовна расправа во Советот за тоа како да се спречат да дојдат и останат во градот. Темата ја наметнаа советниците од владејачкото мнозинство, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, кои изразија загриженост дека Нацрт - стратегијата за интеграција на бегалците ќе значи градење на бегалски кампови и нивно вдомување, што велат ќе ја смени етничката структура во Битола. Поради ова, побараа Советот да донеси заклучок за нејзино неприфаќање од страна на Општина Битола.

„Ова е проблем на Битола. Ние ќе останеме овде да живееме, ние, нашите и вашите деца. Дали треба да се смени етничката карта на Македонија? Дали треба структурата на Битола етнички да се промени? Дали треба да го доживееме сценариото кое го гледаме во Германија, Норвешка? Се чувствуваме загрозени од доаѓањето на огромен број мигранти на овие подрачја“, рече советникот Златко Милошевски од ВМРО –ДПМНЕ.

Неговиот сопартиец Илче Димовски, вели дека Битола секогаш била космополитиски град, но треба да се внимава и на локалните жители.

„Ние како граѓани на Битола имаме посебни чувства кон луѓе кои се под социо-економски ризици, но не можеме по цена на тоа да ги доведеме во социо-економски и безбедносни ризици нашите граѓани“, вели Димовски од ВМРО–ДПМНЕ.

Координаторката на советниката група од СДСМ, Наташа Петровска, рече лажна вест е дека државата ќе гради станови и кампови за бегалците и дека тие ќе остануваат во Македонија. За да ги убеди советниците во тоа, предложи Советот да изгласа заклучок дека нема да се градат бегалски кампови во Битола.

„ВМРО-ДПМНЕ владееше со страв меѓу граѓаните и очигледно со страв сака да се врати на власт. Она што го имавме како предлог од ВМРО-ДПМНЕ да дискутираме околу Стратегијата за бегалци не можеме да го прифатиме на една седница, зашто се работи за опсежен документ, кој треба да биде сериозно разгледан. Предложивме да се донесе заклучок со кој ќе се изјасниме дека на територијата на општина Битола нема да се градат кампови за бегалци, нити ќе се преземаат други мерки во таа насока. Доколку од ВМРО-ДПМНЕ се искрени во своите заложби требаше да го прифатат овој заклучок“, рече Наташа Петровска, советник од СДСМ.

Но, мнозинството не гласаше за нејзиниот предлог. По тричасовна кавга со многу паузи и договарања, мнозинството си го изгласа својот предлог, а опозицијата ја напушти седницата.