Собранието се дави во неефикасност поради игрите на пратениците од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ. „Расправата за разрешување на Зврлевски продолжува в петок“ наслови Нова Македонија, која објаснува дека по вчерашното продолжување во кое имаше серија реплики и контрареплики од опозициските пратеници, претседателот Талат Џафери ја прекина работата и продолжението го закажа за в петок. Пред тоа, како што објави истиот весник, „ВМРО-ДПМНЕ ја блокираше собраниската говорница“, откако пратеникот Милошоски излезе на говорницата, а Џафери побара од обезбедувањето да овозможи услови за работа, бидејќи, како што рече, му нема дадено збор на Милошоски.
Вечер за истиот настан напиша: „Жив ѕид на собраниската говорница во одбрана на Зврлевски“.
Нова Македонија информира и дека „ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за министерот Никола Димитров“, а Слободен печат го пренесува одговорот на СДСМ: „ВМРО-ДПМНЕ е против добрососедските односи, Министерството за надворешни работи ја зајакнува меѓународната позиција на Македонија“. „ВМРО-ДПМНЕ останува заробена во минатото и политиките на поделби, изолација, раздор и конфликти“ – се додава во соопштението од СДСМ.
Во друго соопштение на СДСМ се вели: „Залудни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку неосновани интерпелации да ги кочи реформите“, објавува исто така Слободен печат, додавајќи го делот од објаснувањето дека интерпелацијата за министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, поради нацрт-стратегијата за мигранти се поднесува за документ еднаш веќе донесен во 2008 година.
Вечер, пак, го објави соопштението од ВМРО-ДПМНЕ: „Со стратегијата за мигранти во опасност се доведува целокупниот безбедносен, здравствен и економски систем“. Весникот го објавува и одговорот од Царовска дека „Владата на ВМРО-ДПМНЕ барала локации за изградба на станови за бегалци уште во 2012 година“.
Порталот Курир.мк ја објавува веста за поднесената трета интерпелација за еден министер во новата Влада, пред да поминат 100 дена од нејзиното работење, за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, поради „несериозноста, неодговорноста и некомпетентноста“, како што изјави пратеникот Илиоски, „поради што Македонија скоро еден месец е во пламен“, ја пренесува порталот изјавата тој пратеник од опозициската партија.
Порталот Плусинфо го пренесува одговорот од Владата до редакцијата на прашањето дали го добила писмото од извршниот директор на МРТ во кое информира дека сметката на јавниот сервис била блокирана поради неплатени обврски и дека се загрозува неговото работење: „Владата вели дека ќе направи сè да не се загрози работењето на МРТ“. Што се однесува до горештините, печатените медиуми и интернет порталите ја пренесуваат прогнозата на метeоролозите дека пеколните 40 и плус некој степен продолжуваат со незначително заладување за време на викендот од околу 10-ина степени, а следната недела – Јово на ново. Повторно пекол.