Пратениците може бесплатно да се возат во воз или во автобус, но такво нешто очигледно не им паѓа на памет. Се чини дека повеќе им одговара на работа да одат со сопствен автомобил и за тоа да наплатат илјадници евра. Огромните суми кои народните избраници ги наплаќаат за патни трошоци повторно ја брануваат јавноста. Телевизијата 24 вести објави дека само во првите три месеци, пратениците што не живеат во Скопје наплатиле 74 илјади евра за патни трошоци. Деветмина пратеници, и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, за тие три месеци зеле по 2.500-3.000 евра за патни трошоци, а само во април наплатиле по над 100 илјади денари.
Според законот, на пратениците што не се од Скопје им следува надомест во висина на цената на три литри гориво за секои поминати 10 километри. На пример, ако до работното место и назад пратеникот треба да помине 300 километри, за патни трошоци ќе земе пари во вредност од 90 литри гориво што го троши неговиот автомобил, што е околу 90 евра. Со оглед на тоа што месечно има околу 25 работни дена, пратениците може да инкасираат околу 2.500 евра само за патни трошоци, покрај платата, со кои пари може да се купи половен автомобил.
Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, вели дека најголем проблем се злоупотребите на патните трошоци, односно дека дел од пратениците воопшто не патуваат, туку само носат сметки од патарина за да може да си ги наплатат патните трошоци. Тој потсетува дека во 90-тите години од минатиот век пратениците од внатрешноста добивале службени станови, но се направил проблем кога дел од нив не сакале да ги напуштат становите по завршувањето на мандатот. Сепак, смета дека тоа сега може да профункционира.
„Мислам дека малку сме и цивилизациски позрели за сега во овие услови некој пратеник од инает да не сака да го напушти станот. Треба ригорозно да се спроведува законот. Ако некој не сака да напушти, присилно ќе биде иселен. Како ќе се научиме на ред ако не го почитуваме законот“, вели Петковски.
Професор Темелко Ристески, пак, вели дека се потребни законски измени, но повеќе треба да се работи на свеста на државните функционери.
„Ако нема морал, ако нема внатрешна контрола, ако нема самоконтрола, законот може да биде совршен, но пак ќе се настојува да се заобиколи тој закон“, вели Ристески.
Владејачкото мнозинство предлага неколку алтернативи за замена на патните трошоци. Едната е подобра регулација на сегашниот начин на исплата на патните трошоци за да нема злоупотреби, втората е користење на државни станови, третата е стан под кирија и надомест за одвоен живот и четвртата хотелско сместување. Опозицијата ги разгледува предлозите.