Достапни линкови

Нема радикален ислам, има радикални поединци


БиХ, село Осле во кое православните Срби и салафиите живеат заедно (РСЕ фото)
БиХ, село Осле во кое православните Срби и салафиите живеат заедно (РСЕ фото)

Неколку десетини македонски граѓани се во затвор поради врбување и учество во војните на Блискиот Исток и за ширење исламистичка пропаганда, десетина ги оставија животите на боиштата во Сирија, а неколку десетици се вратија назад. Верските претставници велат дека нема организиран исламски радикализам во земјава и дека исламот забранува насилство, но оти радикални поединци секогаш може да се појават

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 15 октомври 2016.

Нема организиран радикален исламизам во Македонија, но секогаш може да се појават радикални поединци кои, злоупотребувајќи ја верата, промовираат насилство, велат упатените, по низата настана кога македонски државјани беа уапсени, осомничени или осудени за тероризам или терористичка пропаганда.

На почетокот на месецов, Италија депортира петмина македонски државјани поради ширење на радикален ислам и регрутирање на лица за војување на Блискиот Исток. Како што пренесоа дел од медиумите, се работи за четворица мажи и една жена кои со полициска придружба биле качени на авион кон Македонија. Се товарат дека одржувале контакти со познати исламски радикални структури од Босна и Херцеговина. По информативниот разговор со полицијата на скопскиот аеродром, тие беа пуштени дома.

Професорот по безбедност Стојан Славески вели дека тоа покажува дека има македонски државјани кои работат на радикализација на состојбата и оти има регионална поврзаност на исламистичките радикали. Закана за Македонија постои, но не е од највисок степен како што е во некои западноевропски земји, вели тој.

„Во таа смисла треба да се преземат превентивни мерки од страна на надлежните органи, пред сè тука мислам на разузнавачко-безбедносните агенции и Министерството за внатрешни работи, да разменуваат информации со соседните земји и да соработуваат во пронаоѓањето и елиминирањето на ваквите безбедносни закани“, вели тој.

Славески вели дека изгледот и начинот на облекување не е безбедносна закана, туку оти службите треба да се обрнат внимание на идеите што ги шират одредени луѓе.

Исламот го осудува насилството

Илустрација: Бајрамска молитва во Мустафа-пашината џамија во Скопје
Илустрација: Бајрамска молитва во Мустафа-пашината џамија во Скопје

Деканот на Факултетот за исламски науки, професор Фахрудин Ебиби, вели дека исламот го забранува насилството, но оти радикализирани поединци секогаш може да има.

„Радикалците немаат место во исламот. Од страна на пророкот тоа е забрането. Според пророкот Мухамед, радикализмот не е дозволен и не се третира како дел од исламот, но секогаш има такви што ги пречекоруваат надлежностите. Никој нема право да го презентира како радикален, самиот ислам, изворите на исламот не го дозволуваат тоа“, вели тој.

Тој посочува дека Исламската верска заедница го промовира ханефискиот, односно умерениот ислам, но во последниве години се појавуваат и верници вахабисти. Тие ја практикуваат верата на начин несоодветен за овие простори, но не може да му наштетат на исламот, вели тој.

„Тие не се ни секта, немаат ни правни школи, тие се обидуваат да го практикуваат ханбелискиот месхеб, ханбелиската школа. Не се оштетува исламот ако се практикува таа школа, но не е соодветна, не е адаптирана на овие краишта, за тука таа школа не е предвидена, поради менталитетот и околностите во кои живеат муслиманските верници тука. Од аспектот на верувањето, тие се повикуваат на старите времиња, а според ханефискиот месхеб не може да се враќаме назад, треба да се гледа напред и врз таа база да се напредува, а не да се враќаме пред 14 и пред 10 века“, вели Ебиби.

Тој посочува дека вахабизмот од своето појавување пред неколку стотини години има политичка, а не верска позадина, но нагласува оти исламот не може да се поврзува со насилство. Ебиби одбива да ги нарекува овие верници селефисти, зашто, како што вели, што сме ние ако тие се селефисти?

„Тероризмот не знае ни јазик, ни вера, ни околности, тероризмот си е тероризам и исламот тероризмот го осудува, сите форми на тероризмот што се случуваат тука и секаде во светот. За ова прашање треба да ценат безбедносните структури за тие да кажат дали тие може да бидат некој фактор на овој план. Ние немаме таква моќ или такви податоци за да може да кажеме дека тие може да влијаат или да направат нешто“, вели тој.

Дел од луѓето, со долги бради и покуси панталони, кои во јавноста се препознаени како вахабисти, не сакаа да зборуваат пред микрофон. Велат дека „службите“ ги контактирале секогаш кога јавно зборувале за нивните верски убедувања. Кусо додаваат дека не се радикали, туку само вистински ја практикуваат верата.

Пред неколку години, Рамадан Рамадани, кој тогаш беше оџа, влезе во конфликт со раководството на ИВЗ, по што беше прогласен за вахабист. Тој тогаш одговори дека ИВЗ го користи вахабизмот како плашило за да се справи со верски пообразуваните, кои може да им ги загрозат административните функции. Рамадани потоа се повлече од верскиот живот и се активира во Центарот за слободна мисла Нисма. Во однос на луѓето кои носат подолги бради или покуси панталони, тој вели дека тоа се луѓе кои посуштински, односно посвесно ја практикуваат верата.

„Не, не се врзува со безбедносни импликации и типологијата не е таква каква што протекува во јавноста. Она што во Македонија е најважно да се знае е дека контекстот скоро секогаш е политички, највеќе етнички, а никако верски. Таа типологија не е вистинита, посебно за муслиманите. Во Македонија единствена таква поделба може да направиме на луѓе кои накнадно, после падот на комунизмот, почнале верата посуштествено да ја живеат, како во христијанството, така и во исламот. Подлабоко, посуштинско и можеби посвесно е поадекватен термин. Луѓе кои гледаат да обрнат внимание и на верските стандарди и во облека и во изглед и по тоа исламот по ништо не се разликува од другите религии или светогледи“, вели тој.

Рамадани вели дека досега во Македонија не е забележана структурно организирана појава на организирање насилни дејствија.

Колку се опасни вехабистите на Балканот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:12 0:00

Повратници од странските боишта во Македонија

Минатата година полицијата изврши акција под кодно има Ќелија во кое беа уапсени 11 луѓе, меѓу кои и оџата на џамијата Тутунсуз во Скопје, Реџеп Мемиши. Сите 11-мина се спогодија со обвинителството за пониски затворски казни. Тие беа осудени за врбување и финансирање исламистички терористи, но и за учество во странски војски. На почетокот на месецов уште петмина уапсени летоска во акцијата Ќелија 2 се спогодија со обвинителството и беа осудени на затворски казни за учество во терористичка организација. Полицијата трага по уште двајца за кои се претпоставува дека се уште војуваат на Блискиот Исток. Нема информации дека тие подготвувале терористички напади во Македонија, тука главна цел им било учество во војните на Блискиот Исток. Летоска во Турција исто така беа уапсени петмина македонски државјани, кои имале цел да им се придружат на муџахедински организации во Сирија.

Претседателот Ѓорге Иванов пред неколку месеци изјави дека во Македонија има десетици повратници од боиштата на Блискиот Исток.

„Да не бидеме наивни, само во Македонија имаме 72 повратници, лица коишто учествувале на боиштата, отишле како екстремисти се вратиле како терористи. Преку 1000 лица од Балканот учествуваат во Сирија, 60 отсто од нив се вратени. Илјадници се, има бројка дека на територијата на ЕУ има до три илјади повратници. Значи тие ги користеле овие рути на бегалците, меѓу нив продреле и се вратиле и сега еве што се случува“, рече Иванов.

На боиштата во Сирија досега, според безбедносни извори, загинаа над 10 македонски државјани.

Не сме за насилство, за бизнисите позајмивме од пријатели Арапи

Босанските медиуми, пак, објавија дека во Сирија се борат меѓу 150 и 200 босански државјани. Според безбедносни извори, најмалку 15 босански државјани досега загинаа на боиштата на Блискиот Исток. Босанските медиуми јавуваат дека најголемиот дел од тие што заминале да војуваат на Блискиот Исток имале контакти со лица од Горња Маоча, село кое се смета за центар на вахабизмот во Босна и Херцеговина. Мнозинството муслимани во Босна пред распадот на Југославија го практикуваа умерениот ислам, но муџахедините кои како доброволци се бореа на страната на Бошњаците во војните во 90-тите донесоа и поинакви верски практики кои ги прифати дел и од локалното население. Велат дека сакаат да ја практикуваат верата посуштински, но дека им пречат споредбите со тероризмот.

Љупчо Наќев

Селефиите проповедаат монотеизам. Тие сметаат дека нивната задача е да го вратат исламот на изворите. Настојуваат да ги исфрлат сите новини и, како што велат, девијации на верата.

Исламската заедница се поделила 30 години по смртта на пророкот Мухамед. Две најголеми основни исламски учења се сунитскиот и шиитскиот ислам.

Во сунитскиот правец постои ханефиска школа, која се смета за една од најмеките, бидејќи е отворена за модерните идеи. Припадниците на Исламската заедница во Босна и Херцеговина и припаѓаат на таа школа, а тоа учење е официјално во Исламската верска заедница во БиХ.

Но, во БиХ има и одреден број верници кои го прифаќаат учењето на Абдул Вехаба, според кого, тоа движење во рамките на исламот се нарекува вехабизам и е засновано врз таканаречените изворни идеи. Лицата кои го практикуваат исламот на тој начин, не го прифаќаат називот вехабисти, туку себе се нарекуваат селефии.

Ваквиот вид учење во Босна и Херцеговина, ја донеле странските борци за време на војната, односно, припадниците на одредите Ел Муџахид. По завршувањето на војната се населиле во село Бочиња, неколку километри од Маглај, во северниот дел на БиХ.

Еден од жителите на ова село е и Семин Ризвиќ. Имал 22 години кога почнала војната, а мечтаел да има музичка кариера. По војната, сакал да ја проучува верата, а како што вели, постојното исламско учење во земјата не му било доволно.

„Сфатив дека ми е најдобро да се променам, да ја променам средината, да отидам со луѓето кои ја практикуваат верата“, вели тој.

Стотина километри јужно од Сараево, во Мостар, живее Албин Ќосиќ, каде што дошол пред четири години од Горњи Вакуф. Од мали нозе е верник, но и него не му било доволно традиционалното исламско учење во земјата. Албин никогаш не патувал надвор од Босна, бидејќи нема пари, женет е и има деца, а не му се допаѓа идејата да работи и неговата сопруга.

„Ако се гледа каде е најчист исламот, нормално на изворот, а изворот на исламот е Саудиска Арабија. Има ТВ канали, на пример Мека лајв, гледав и доста долго размислував како на изворите на исламот вака ја практикуваат верата, има работи во намазите кои се разликуваат, поголемиот дел од луѓето носат брада и почнав така да размислувам“, вели тој.

Селото Осве во близина на Маглај.
Селото Осве во близина на Маглај.

Џенан Шахдан изработува сувенири и накит на влезот на средновековната тврдина во Травник. За себе вели дека е муслиман.

„Ако си малку различен, поинаков, ќе имаш некои проблеми. Горд сум што сум муслиман, што се истакнувам како муслиман, не навредувајќи ги другите, нормално“, вели тој.

Семин, Албин и Џенан се занимаваат со сопствен бизнис. Како воопшто дошле до капитал за почеток на сопствен бизнис?

„Земав кредит од еден пријател, Арап. Ние муслиманите, сакам да кажам во еден курански контекст, верниците се браќа“, вели Семин Ризвиќ.

Од Исламската верска заедница во БиХ велат дека нема разлика во практикувањето на исламот меѓу селефиите и другите верници во земјата. Сепак, главните имами на сите муфтиства во БиХ добија задача да разговараат со организаторите и предводниците на, како што се вели, „параџематот“ и да ги просветуваат дека нивното дејствување е штетно за исламот и за муслиманите во БиХ.

„Мораме да кажеме дека секаде во светот каде што живеат мнозинството муслимани постои само една исламска заедница која има надлежност за верските прашања и верските прописи. Значи, тој нивен намаз кои го обавуваат самостојно е неважечки по сите учења на исламските правни школи“, вели Аид Тулек од Исламската заедница на Босна и Херцеговина.

За разлика од оние што се согласија да говорат за својот начин на живот, во рамките на селафиската заедница, постојат групи кои се целосно затворени за јавноста, како онаа во Горња Маоча, во околината на Брчко. Ова село со години функционира како екстериторијална зона, во која животот е организиран според строгите шеријатски правила. Ова село се поврзува и со заминување на боиштата во Сирија, а е под постојан надзор на службите за безбедност. Нашите соговорници го осудуваат дејствувањето на радикални групи во рамките на заедницата на која и припаѓаат.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG