Со блокада на парламентот до нова политичка криза?

Реплики и контрареплики на опозицијата, блокирање на собраниската говорница, опозициски беседи за сè освен за она што е на дневен ред во Собранието, како и одземање на картичка на претседателот на Парламентот се само дел од опструкциите кои опозицијата ги прави во изминатиов месец со цел одолговлекување на постапката за смена на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Дел од поранешните пратеници сметат дека опозицијата на ваков начин нема да дозволува да се случи суштинска промена на власт.

Одземање на збор на секој пратеник кој на собраниска говорница ќе зборува за сè друго освен за точката на дневен ред е начинот на кој претседателот на Собранието Талат Џафери би можел да ја забрза седницата на која се разгледува смената на Јавниот обвинител Марко Зврлевски, вели поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски. Тој објаснува дека единствениот излез од долгата блокада на опозицијата е претседателот Џафери да се држи строго до темата за дискусија и да не дозволува реплики и контрареплики на пратеници од иста пратеничка група со месеци.

„Нема друг начин, досега претседателот им укажуваше и на потребата од политичка култура и на моралните вредности, но тие не престанаа. Претседателот не треба да биде голем демократ со милитанти и насилници кои покажаа на 27 април на што се подготвени, кој беше крвав настан во Собранието. Претседателското деловничко право е веднаш да им го одземе зборот на сите тие кои зборуваат надвор од темата на седницата. На бесмислените реплики на реплики на самите себеси. Се знае кој зборува и дебатира сам со себе“, вели Петковски.

Поранешниот пратеник Петар Гошев вели дека тоа што се случува во Собранието е очигледен обид за ВМРО-ДПМНЕ да се спаси од кривична одговорност со руинирање на институциите. Тој вели дека Македонија на овој начин не може да стане нормална држава затоа што осомничените од СЈО и натаму вршат правни опструкции не дозволувајќи демократски фер плеј.

„По кој знае кој пат, констатираме дека мафија која и натаму се наоѓа во врвовите на државата, и натаму има упоришта, и преку тие упоришта продолжува да се бори и да ја попречи правдата, да го попречи остварувањето на правото во Република Македонија и затоа решавањето на проблемите не може да се води според желбата на мнозинството на граѓаните во земјава“, вели Гошев.

Од една страна, опозицијата во Собранието тврди дека според членот 8 од изборниот законик сите постапки за назначување и разрешување функционери не смеат да се случуваат кога се објавени избори. Од друга страна, во изминатaва недела, откако беа закажани локалните избори во октомври, опозицијата поднесе седум интерпелации за министри. Таквото однесување Петковски го оценува како лицемерно.

„Крајно лицемерно е бидејќи ставаат до знаење дека ништо во Македонија не смее да се промени. Иницијативите за разрешување на министри е само доследност во нивните напори да се прави целосна опструкција, дискредитација и злоупотреба на Собранието како законодавен дом во земјава“, вели Петковски.

Во Собранието е во тек десетото продолжение на седницата на која на дневен ред е разрешувањето на Зврлевски. Пратениците од мнозинството во Собранието, најавија дека ќе се откажат од нивните говори со цел побрзо да биде разрешен Зврлевски и да биде избран нов државен јавен обвинител за да почнат реформите во правосудството. На дневен ред на оваа седница се над 30 точки, меѓу кои и Годишниот извештај на Народниот правобранител за почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права, Информацијата за состојбата со дивата депонија во Струга, Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.