Јавниот обвинител Зврлевски повторно на дневен ред за разрешување во Собранието. И на ФБ страницата на РСЕ. „Во Македонија нема да одговара за ништо. Сево ова е играчка за мали деца“, недоверливо коментирал Емил Бојковиќ по нашата информација дека расправата за неговото разрешување продолжува денеска. „Седи си, хахаха, ќе те седнат и тебе Зврле зад решетки, само седи си“, коментирал со повеќе оптимизам Даниел Данилов под фотографијата на обвинителот. Тасе Трифун, пак, поттикнат од игрите на опозициските вмровски пратеници во Собранието за одолговлекување на дебатата постирал: „Мизерија и штета што се такви во законодавниот дом. Вмровската политичка база не може да замисли дека Никола Груевски треба да одговара за криминални злодела“ и додава: „До кога ќе им биде дозволено да ја злоупотребуваат функцијата пратеник за заштита на најтешкиот криминал?“
И интерпелациите за повеќетемина министри во Владата на Заев е актуелна тема во вашите коментари, почитувани. Меѓу последните е онаа за министерот за култура Алаѓозовски, па потпишан со Анѓелета на Цвета удрил на шега: „Нека поднесат интерпелација и за Љубе механичарот, па после нема кој да ми го прави плинот на тикото“. И Мимоза Станковска во тој стил, па предлага: „Направете една групна интерпелација“. Потоа ФБ дебатата се претвора во бранење и напаѓање на опозициската партија, па Љупче Мојсов искрено кажува дека нему Груевски му зел сè иако е член на ВМРО-ДПМНЕ. „Додека не се смени Груевски и тие околу него“, вели, „од ВМРО нема ништо, тие се најголемите лопови во Европа“.
Има повеќе коментари и по информациите за пожарите во земјава и дека обновувањето на изгорените шуми ќе трае над десет години. Рубин Ристески ги обвинува ЈП Македонски шуми дека продавале дрва во Грција за мали пари, а дека овде дрвата се продаваат по висока цена и, како што вели, „си делат пари со складиштата кои се договорени со нив“. Иванчо Стефановски – Стамболиски предлага затвор за фатените пиромани, а Драган Мока прашува каде е шумската полиција, а и граѓаните: „Каде ни отиде совеста? Јаз’к на сите нас!!! Срам за цела Македонија!“, извикува резигнирано Драган Мока.