Македонија - Бугарија: Политика на решенија, а не на проблеми

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев и Борисов – Одлучивме да гледаме напред

Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска во Скопје го потпишаа договорот за добрососедство. Велат дека одлучиле да гледаат напред наместо во минатото. Борисов вели дека е подобро празниците да ги славиме заедно отколку да „се тепаме“.

Договорот за добрососедство што го потпишаа Македонија и Бугарија е порака до ЕУ и до НАТО дека политичките раководства на двете земји се определиле да градат мостови. Договорот е доказ дека работите во до скоро немирниот Балкан може да се решаваат без посредници, заклучија премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, кои во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Премиерот Заев рече дека на овој договор работела и претходната влада, па затоа ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Никола Груевски да го поддржат договорот во кој, како што рече, вложиле многу труд.

„Се определивме да водиме политики на решенија, а не проблеми. Во Бугарија видовме конструктивен партнер со исти цели. Ова наше пријателство и добрососедство е пример како долгогодишна сопирачка може да се претвори во мотор за соработка и поврзување на народите. Прашањето на добрососедските односи е прашање на капацитетот на зрелост. Затоа овој договор е значајна порака до ЕУ и НАТО дека земјите имаат политички раководства кои градат мостови. Бугарија од денес е уште поголем пријател и сојузник кон евроатлантските перспективи. Мојот народ има право да биде среќен“, рече Заев.

Договорот е пример за соработка и развој на двете држави, но и модел за соработка во регионот и пошироко, оценува Заев. Тој рече дека таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, проблемите може да се решат.

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов очекува позитивна реакција од ЕУ за договорот.

„Двете држави без модератори и посредници дојдоа до одлука дека мирот, дружбата и добрососедството е поважно од сè. Не случајно луѓето велат: гледајќи назад ќе се сопнеш и ќе паднеш. Затоа одлучивме да гледаме напред. Резултатите ќе ги видите за некое време. Терминот заедничка историја е термин кој дава заеднички перспективи, а не поделби“, изјави Борисов.

Освен Договорот, министрите за транспорт и врски и за економија на двете држави, потпишаа и меморандуми за соработка, што исто така беа оценети за важни од страна на премиерите.

Неколку минути после пладне македонската делегација, предводена од премиерот Заев, на платото пред Владата, со државни и воени почести, го пречека премиерот Борисов, кој предводи бројна бугарска делегација.

Потоа премиерите имаа директна средба, а билатерални средби имаа и министрите од двете земји.

Борисов денеска се среќава и со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а најави и дека ќе има средба со претходниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Борисов вели дека со претходниот премиер, со кој доаѓаат од сестрински партии, биле блиску до потпишување на договор, но тоа не се случи. Бугарскиот премиер вели дека ќе биде среќен ако Груевски го поддржи договорот. Тој додава дека иако со Заев се од различни политички семејства, сепак договорот е потпишан, затоа што тој е гаранција за добрососедство, а за критиките за договорот вели дека ќе има, но сепак тој нуди перспектива и според него, нема ништо лошо во тоа.

За утре, пак е предвидено заедничко чествување на националниот празник во Македонија, Илинден. Предвидено е рано наутро премиерите да положат цвеќе во црквата Свети Спас, каде се наоѓа гробот на Гоце Делчев. Борисов, запрашан од новинарите зошто Илинден ќе се одбележува заедно кога Македонија и Бугарија не се иста држава, одговори дека од тоа што сите на Балканот се правеле велики, регионот е најсиромашен во Европа.

„Празниците се заеднички, зошто да не ги славиме заедно, да се тепаме ли?“, одговори Борисов со контра прашање.

Тој вели дека со Заев се договориле двете земји да одат напред и да се достигне едно ниво на земјите од Западна Европа.

„Тоа е празник што и ние го сакаме, извинете што го славиме“, рече Борисов.

ЕУ го поздрави потпишувањето на Договорот. Шефицата за надворешна политика Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан во заедничка изјава наведуваат дека овој договор ја покажува одлучноста на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион.

„Тој е позитивен чекор напред во добрососедските односи и ја зацврстува ЕУ перспективата на поранешната југословенска Република Македонија во интерес на нејзините граѓани“, стои во заедничката изјава на Хан и Могерини.