Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска во Скопје го потпишаа договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Борисов ја предводи бројната бугарска делегација, која два дена ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Бугарскиот премиер пристигна во земјата претпладнево, по што се одржа официјалната церемонија со сите државни и воени почести пред Владата на Македонија. .
Во текот на денот македонските министри и нивните бугарски колеги ќе имаат билатерални средби. Предвидено е и потпишување на неколку меморандуми за соработка.
За утре, 2 август, кога се одбележува националниот празник Илинден, предвидено е заедничко чествување во црквата Свети Спас во Скопје, каде се наоѓа гробот на Гоце Делчев.
За време на посетата на Македонија, Борисов ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Од ВМРО-ДПМНЕ во неделата соопштија дека нема да го поддржат договорот со Бугарија во Собранието. Во соопштението на партијата се наведува дека ниту една од нивните забелешки не била прифатена. Тие повикаа Владата до денот на потпишување да направи напори за промена на спорните делови кои можат да нанесат долгорочни штети по државните и националните интереси на Македонија и македонскиот народ, јазик и историја.
Поддршка за договорот дадоа неколку други партии и движења. Договорот предизвика и неколку протести пред владата и пред Министерството за надворешни работи.
Договорот беше најавен за време на посетата на премиерот Заев на Бугарија, кусо време откако стапи на функцијата. На 18 јули во македонскиот Парламент, зад затворени врати, беше разгледан договорот, а на јавноста ѝ беше презентиран на 26 јули.
По потпишувањето на договорот, тој треба да биде ратификуван во Парламентот.
Договорот меѓу другото предвидува Македонија да може да се грижи за македонското малцинство во Бугарија само во согласност со билатералните и мултилатералните договори чии потписници се Скопје и Софија. Натаму стои дека двете држави имаат право да ги заштитуваат правата и интересите на своите државјани на територијата на другата страна. Во точката 5 од членот 11 пишува дека Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кон не се државјани на Македонија.
Во договорот стои дека Бугарија ќе ѝ помогне на земјата за влез во ЕУ и НАТО, без поставување услови. Член од договорот предвидува да се формира заедничка комисија кој треба да придонесе за објективно и научно толкување на историски настани и дека Бугарија и Македонија ќе организираат и заедничко чествување на историски личности и настани.
Договорот треба да овозможува подобра економска соработка, царински и гранични олеснувања, соработка во областа на туризмот, заеднички инвестиции, развој на транспортот и патната инфраструктура. Двете држави ќе поттикнуваат и соработка во областа на културата, образованието, здравството, спортот.