Македонија ќе може да се грижи за македонското малцинство во Бугарија само во согласност со билатералните и мултилатералните договори чии потписници се Скопје и Софија, рече премиерот Зоран Заев, на прес-конференција на која го објави текстот на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Одговарајќи на новинарско прашање - Дали во договорот има член со кој на Македонија би и се дозволило да се грижи за македонското малцинство во Бугарија, тој рече дека ќе се почитуваат сите меѓународни конвенции и права, а Бугарија е членка на ОН, на ЕУ и на НАТО.
Во договорот се наведува дека двете држави имаат право да ги заштитуваат правата и интересите на своите државјани на територијата на другата страна.
Во точката 5 од членот 11 стои дека Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кон не се државјани на Македонија.
Во договорот стои дека Бугарија ќе и помогне на земјата за влез во ЕУ и НАТО, без поставување услови.
Заев посочува дека договорот е одраз на новиот дух на политики на политичари кои градат мостови и подаваат раце за сплотување, наместо да рушат и да делат. Тој вели дека новата влада е цврсто решена да гради политики за решавање на проблемите, а не да создава и да бега од проблемите.
Член од договорот, предвидува да се формира заедничка комисија кој треба да придонесе за објективно и научно толкување на историски настани, по што Комисијата ќе треба да поднесува едногодишни извештаи за својата работа. Бугарија и Македонија ќе организираат и заедничко чествување на историски личности и настани. Заедничка комисија ќе надгледува и како се спроведува овој договор.
Договорот ќе биде јавно објавен на интернет страницата на Владата.
Договорот, вели премиерот, овозможува подобра економска соработка, царински и гранични олеснувања, соработка во областа на туризмот, заеднички инвестиции, развој на транспортот и патната инфраструктура. Двете држави ќе потикнуваат и соработка во областа на културата, образованието, здравството, спортот.
„Успехот за финализирање на овој договор е на сите граѓани и на сите партии, оти оваа влада го заврши она што беше почнато уште во 2009. Очекувам опозицијата да учествува и во заокружувањето на процесот и да даде поддршка за договорот“, рече премиерот Заев.
ВМРО-ДПМНЕ - Договорот може да отвори стари рани
Пред да биде објавен договорот, пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција, побара јавноста да биде запознаена со текстот, оти, како што рече, договорот може да отвори стари историски рани.
„Може да нанесе болка кај многу семејства чии предци се бореле и биле жртви за автономија, за самобитност и самостојност на Македонија и за културна и историска засебност на македонскиот народ“, изјави Димовски.
ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, ќе поддржи само договор кој на Македонија ќе и овозможи брз влез во Европската унија и НАТО, а не договор кој ќе биде користен како алатка за одолговлекување.
„Нам не ни е потребна втора Времена спогодба, која ќе креира, а нема да решава проблеми“, вели Димовски.
Претставувајќи го текстот на договорот, Заев рече дека двете држави заеднички ќе застанат против говорот на омраза, национализмот или какви било провокации и заедно ќе ја спречуваат недовербата и недобронамерната пропаганда внатре во државите.
Договорот ќе биде потпишан на 1 август во владата во Скопје, на македонски и на бугарски јазик, по што треба да биде ратификуван од парламентите на двете земји.
Денеска и бугарската влада го одобрила договорот. Бугарскиот премиер Бојко Борисов вели дека договорот е израз на желбата на Република Бугарија да изгради добрососедски односи засновани на европските вредности.