На Македонија и требаат подобрувања во борбата против тероризмот

илустрација

Во годишниот извештај за Стејт департментот за борба против тероризмот за Македонија се забележуваат недостатоци во однос на некоплетната национална стратегија како и недоволната екипираност во некои сегменти.

Македонија соработува во напорите на Соединетите Американски Држави за борба против тероризмот, демонстрирајќи ја својата посветеност на глобалната коалиција да ги порази милитантите на Исламската држава, се наведува во годишниот извештај на Стејт департмент за тероризмот во светот. Но, во него има и забелешки за земјава главно околу немање на соодветна стратегија и капацитети за одредени делови за борба против тероризмот.

„Владата ја одобри националната стратегија за борба против тероризмот во март. Во неа има дел посветен на превенција од насилен тероризам но нема одделна национална стратегија за борба и заштита од насилен екстремизам. Владата достави нацрт Национален акциски план и го достави за преглед до Европската комисија во ноември но во него недостигаат ознаки за имплементација и проценки за финансирање и контроли“, пишува во извештајот.

Од министерство за внатрешни работи, коментирајќи го извештајот на Стејт департментот најавуваат дека во тек е воспоставување на Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, кој како една од приоритетните активности ќе ја имал подготовката на државна стратегија за сузбивање на радикализацијата и насилниот екстремизам, со акциски план и изменување на националната стратегија и акцискиот план за борба против тероризмот.

„Истовремено, во тек се меѓуресорски консултации за номинирање на членови во овој комитет, а Владата на Република Македонија на една од следните седници ќе назначи национален координатор и двајца заменици“ велат од МВР.

Според Стефан Буџакоски, професор на Факултетот за општествени науки и поранешен вработен во Министерството за внатрешни работи, во однос на стратегијата Македонија заостанува во организациско преструктуирање на службите за безбедност, односно, како што вели, во нивното централизирано поставување.

„Кај нас сите служби се засебни и независно преземаат одредени активности. Современите текови за борба против овие форми на безбедносно загрозување на меѓународниот поредок, на одредени региони, држави итн бараат централистичко поврзување на безбедносниот систем во една рамка што ќе значи обединување на мерките за борба против оваа појава“ вели Буџакоски.

Инаку во извештајот се наведува дека Македонија во 2016 година преземала три значајни антитерористички акции од кои едната била во координација со властите во Албанија и во Косово во која се уапсени 23 лица во трите земји. Дирекција за спречување на перење пари, како што пишува, примила извештаи за три сомнителни трансакции поврзани со финансирање тероризам, но немало обвинителни акти.

„Со месеци долгата политичка криза ја инхибираше владата да преземе одлучна акција со која ќе ги адресира недостатоците во спроведувањето на законот и безбедноста на границите и недостигот во персонал и опрема“, пишува Стејт Департментот.

Во однос на Бирото за јавна безбедност се наведува дека тие работеле со американските власти за да ги адресираат корупцијата меѓу граничните службеници, ограничувањата во ресурсите, недостигот на обуки за граничарите и прашања поврзани со системот на менаџирање на границите.