Достапни линкови

Стотици депортирани мигранти за два месеца


Архива - Бегалци на просторат кај границата меѓу Грција и Македонија.
Архива - Бегалци на просторат кај границата меѓу Грција и Македонија.

Македонската полиција открива стотици мигранти кои нелегално влегле на територијата на државата и повеќето од нив ги враќа назад во Грција, а открива и случаи на криумчарење. Невладини организации ваквото институционално постапување го оценува како „нелегално депортирање.“

Изминатиот месец македонската полиција на јужната граница со Грција открила 109 мигранти кои ги вратила назад во Грција, додека во месец мај открила 284 илегални преминувања на границите со соседните земји, од нив 224 фатени на македонско-грчката граница и вратени назад во Грција, велат од МВР. Исто така во овој период полицијата открила еден случај на криумчарење во обид да бидат прокриумчарени осум мигранти.

Јасмин Реџепи од граѓанската организација „Легис“, која е активна на македонско-српската граница, вели дека според она што тие го забележуваат сличен број на луѓе поминуваат или од Македонија во Србија или се депортирани назад од Србија во Македонија.

„Дел од нив се насилно депортирани и не сакаат да се вратат во Македонија или да продолжат во Грција, а дел од нив повторно се враќаат назад во Србија и така се случува ситуација на пинг-понг по неколку пати. Помал дел навистина сакаат да продолжат надоле кон Грција, а дел од нив се згрижени во кампот на Табановце“, вели Реџепи.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот месечен извештај наведува дека „продолжува праксата на нелегално депортирање“ на бегалци кои се фатени по илегални патишта.

Реџепи во однос на ваквата состојба објаснува дека проблемот е присутен од април 2016 година, односно кога пред затворањето на балканската рута беа донесени измените во Законот за азил во којшто се вели дека на нелегалните мигранти фатени на територија на Република Македонија нема да ми се даде право да побараат азил, односно ќе биде вратени назад доколку доаѓаат од земја членка на НАТО, ЕУ или ЕФТА.“

„Тоа е проблематично, ние се противиме на тоа и заедно со УНХЦР, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Народниот правобранител на Македонија баравме да се врати претходниот Закон за азил и сите баратели на азил не треба да се депортираат назад, туку сите случаи треба да се решаваат поединечно за да може да се утврди од каде доаѓа, зошто доаѓа и дали има основа да остане во земјава. Според овој закон, мешовитите полициски екипи бегалците ги депортираат директно назад во Грција“, вели Реџепи.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, исто така, во својот извештај наведуваат кажувања на бегалци фатени во текот на месец мај, кои рекле дека биле жртви на криумчари, односно дека на криумчари во Грција им платиле по 800 евра по човек за да бидат пренесени до Табановце, но откако биле предадени на криумчарски групи во Македонија со возило биле оставени на одредени локација, по што криумчарот го напуштил возилото, а бегалците биле фатени од полицијата.

Во однос на ситуацијата во прифатните кампови, Реџепи вели дека бројката се менува, но оти во Табановце на месечно ниво изнесува околу двесте.

Во Винојуг бројот на присутни бегалци е мал, а кампот повремено го посетуваат странски полициски единици.

Минатиот месец во Лезбос се регистрирани најголем број на нови бегалци и мигранти во однос на другите месеци во 2017 година. Грчките власти соопштија дека на островот минатиот месец пристигнале 940 бегалци и мигранти.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG