Достапни линкови

Криумчарите ја користат балканската бегалска рута


Архивска фотографија - Мигранти во транзитниот камп Вунојуг во Гевгелија на македонско-грчката граница.
Архивска фотографија - Мигранти во транзитниот камп Вунојуг во Гевгелија на македонско-грчката граница.

Балканската мигрантска рута се уште се користи, не во толкав интензитет како минатите години, но криумчарите сепак имаат работа. По затворањето на рутата, во кампот во Гевгелија има околу 15 луѓе, а во кампот во Табановце околу 30,

На патиштата во Македонија се уште се забележуваат бегалци или мигранти кои од Грција преминуваат во земјава, користејќи криумчари, велат активисти кои се присутни на терен. Тие објаснуваат дека некогаш сретнуваат десетина, некогаш дваесетина луѓе дневно, кои ги користат ваквите услуги, но во целосната бројка немаат увид.

Активистот Јасмин Реџепи од граѓанската организација „Легис“ објаснува дека иако бројот на луѓе е намален, поради затворањето на балканската рута и оневозможеното движење, бегалците повторно како во 2014 и 2015 година почнале да користат криумчари за низ територијата на Балканскиот Полуостров да стигнат во Западна Европа, низ рутата низ која криумчарењето функционира со години наназад.

„Европа ги затвори границите, и наметна на Македонија да биде затворена македонската граница и со тоа направи една голема грешка, а тоа е дека ако претходно кога поминуваа бегалците, сите тие беа документирани и заведувани за тоа кој поминува и од каде, а сега никој не ги заведува овие луѓе коишто поминуваат и транзитираат, а ги има секојдневно“, вели Реџепи.

Во однос на ситуацијата во двата бегалски кампа на граничните премини, Реџепи вели дека моментално во Гевгелија има околу 15 луѓе, а во кампот во Табановце околу 30 лица, односно ранливи категории коишто биле сретнати на патиштата во Македонија и побарале да останат во земјава, бидејќи не можеле да продолжат понатаму или не сакале да бидат депортирани назад во Грција, вели тој.

Намалена динамика на бегалската криза

За истите бројки информира и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија. Организацијата забележала дека во текот на март бројот на бегалци во транзитните кампови и низ земјата достигнал најниско ниво во текот на целата бегалска криза. Во последниот месечен извештај Хелсиншкиот комитет наведува дека до крајот на март бројот на бегалци во кампот во Гевгелија се намалил на само осум, сите од Ирак, но подоцна во кампот била донесена група мигранти од Авганистан со шест малолетни лица, кои од полицијата била затекната на товарен воз од Турција кон Скопје и бројот на бегалци се искачил на 14.

Во однос на транзитниот камп Табановце во Куманово, Хелсиншкиот комитет наведува оти бројот на бегалци се намалил и варира од 30 до 45, но дека околу кампот се забележуваат групи на мигранти со потекло од Алжир, Мароко или Пакистан, на кои не им е дозволен пристап во кампот.

„Во текот на овој месец, Министерството за внатрешни работи не регистрирало ниту еден кривично правен настан поврзан со криумчарењето мигранти и илегалната миграција. Од набљудувањата на терен полицијата затекнала вкупно 18 бегалци по илегални патишта и ги вратила кон грчка страна“, се вели во извештајот на Хелсиншки.

Во однос на бегалската и мигранстска криза и стравувањата од нов бегалски бран во Европа, во интервју за Радио Слободна Европа зборуваше и директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку. Тој рече дека проблеми може да настанат во случај на наплив на голем број бегалци.

„Ќе може да се смета и како безбедносен проблем и како здравствен, луѓе може да се разболат, може за жал да се инфилтрираат, и таа опасност ја имаме предвид на разни терористички личности и организации. Така што ние за тоа сме подготвени и со помош на меѓународната заедница, првенствено Обединетите Нации и УНХЦР и со големото залагање на невладините организации кои се присутни, ние се справивме, се справуваме и се надевам дека ќе се справиме и во иднина во случај на помсовен бегалски бран“, вели Буџаку.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG