Достапни линкови

ЕУ ќе ја запечати балканската мигрантска рута


Запечатување на балканската рута
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:16 0:00

Запечатување на балканската рута

Европа сака да ја дозатвори балканската мигрантска рута со цел спречување на нов можен бран луѓе кои се обидуваат да стигнат со западноевропските земји. Криумчарите ја одржуваат во живот мигрантската рута. Во меѓувреме во Македонија како дел од оваа рута, речиси една година останаа заглавени стотина мигранти.

Полициско возило паркирано покрај голема и неколку метри долга жичена ограда до познатата кота 59, каде што и по 26 години сè уште на граничниот камен пишува СФРЈ, покрај меѓународната железничка пруга Скопје – Солун, е сè што остана од мигрантската криза. Морничава тишина и празна пруга е сликата која ја видовме. Покрај големиот бетонски столб сè уште се чита натписот на англиски јазик „Отворете ги границите“ кој сведочи за европското затворање врати за мигрантите и бегалците кои преку Македонија се обидуваа да најдат достоинствен живот во некоја од западноевропските земји.

Тогашните слики од судири меѓу полицијата и бегалците кои фрлаа камења на оваа железничка пруга пред повеќе од една година го обиколија светот.

По речиси една година од затворањето на границите на 7 март во земјава заглавени останаа околу илјада мигранти и бегалци. Денеска нивниот број е намален и изнесува околу 140 луѓе кои со месеци престојуваат во делумно затворени кампови.

Во прифатниот камп „Винојуг“ во Гевгелија моментално се сместени 65 луѓе. Во полупразниот камп со насмевка не пречека Дому Ширак, тој е дел од малцинство во Ирак. Во Македонија пристигнал пред затворањето на европските граници со своето деветчлено семејство. Неговата најмала ќерка има седум месеци и се вика Струмица. Името го добила по градот во кој е родена. На нашето прашање зошто баш во Струмица ја однел втората сопруга да се породи, ни рече дека го предупредиле дека во Гевгелија немало добри гинеколози, па со возило на Црвен крст, отишле во Струмица. Тој и неговото семејство научиле по некој збор на македонски јазик. Разговорот го водевме со гестикулации и по некој арапски, англиски и македонски збор. Ни рече дека бега од насилство, дека во неговата земја, за него како дел од малцинството не е безбедно.

„Ние сме од Ирак, ние сме Језиди, тоа во Ирак е проблем, ако зборуваш на нашиот јазик, тоа е проблем, децата како моето лесно ги убиваат. Зошто? Кога и ние сме луѓе исто како и христијаните и муслиманите. Не, во Ирак не се враќам, ќе останам во Македонија,“ вели Ширак.

Ни го покажа и својот дом во кој живее веќе речиси една година. Во само десетина квадрати со неговите две сопруги и седум деца го минува денот. Ни се пожали дека тука времето бавно им минува.

„Седиме, јадеме и спиеме, ништо друго не ни се случува“, ни одговори Ширак.

Додаде дека најмногу им пречи тоа што не смеат да излезат надвор од кампот.

Неговиот брат е во Германија, се надева дека ќе може да стигне до таму наскоро, ама секој ден поминат во кампот го одалечува од неговите надежи за подобра иднина. Неговата прва сопруга Лејзах ни се пожали дека неизвесноста најмногу ја плаши, затоа што не знае дали ќе останат тука или наскоро ќе ги вратат во Грција.

Во соседниот контејнер со отворени врати не пречека млад брачен пар од Сирија, иако за нив земјава оддамна ги затвори вратите. Ни покажаа како е да се живее во мал простор со речиси една година со мало бебе. Дваесет и четири годишната Агрин Јусеф и нејзиниот 29 годишниот сопругот Хасан Мухамед велат дека основни намирници за живот имаат, но повеќе немаат надеж дека некогаш ќе се разбудат во некоја од западноевропските земји.

Агрин пристигнала бремена во Македонија, а го родила малиот Халил во Скопје. Тој има сега девет месеци. Се надева дека првите чекори ќе ги направи во кампот во Гевгелија, но стравува дека може да ги испратат во некој од грчките кампови.

„Можеби денеска ќе ни кажат да се вратиме во Грција, можеби подоцна, можеби утре, не знаеме, секој ден сме на готовс дека ќе не однесат назад во Грција, но не знаеме кога“, вели Агрин Јусеф.

Мухамед вели дека откако е започнато спроведувањето на договорот за реадмисија, губи надеж дека може да стигне до некоја од европските земји.

„Не знам веќе, нека ме вратат во Грција, во Македонија повеќе нема надеж, не знам што понатаму, немам страв, сакам сам да се вратам, “ вели тој.

Агрин во Сирија студирала арапски јазик, а нејзиниот сопруг имал своја продавница за електрика, но за нив повеќе нема живот во Сирија, не сакаат да се вратат назад.

„Јас бев студент на Универзитет, но тој беше бомбардиран.И дуќанот на мојот сопруг беше бомбардиран, поради тоа побегневме, сакаме на нашиот син да му обезбедиме подобар живот од нашиот.“

Пред само два дена во кампот пристигнал и Мурат Муарамах. Тој е Сириец со палестинско потекло. Во Солун го одвоиле од неговата сопруга и во потрага по неа, во Македонија влегол со помош на криумчари.

„Но само до тука и не му дадов пари на шверцерот, му побегнав, инаку патот до Србија ќе ме чинеше повеќе од 1500 долари. Ќе се обидам повторно да стигнам до Србија, и да ме тепаат и да ме вратат, јас пак ќе се обидам да ја поминам границата, во Сирија не се враќам, таму сè е уништено, од ИСИС од армијата, нема живот таму,“ вели Муарамах.

Можноста за подобар живот во некоја од западноевропските земји, за жителите на овој камп станува сè подалечна, но стравот дека ќе мора да се вратат чекор назад во Грција и дека кампот ќе ги затвори вратите за нив станува се поголем.

Минатата недела од транзитниот центар Табановце 50 луѓе кои престојуваа таму 11 месеци, беа вратени во камповите во Грција.

Според МВР станува збор за процес на реадмисија на бегалци и постапката е во согласност со договорот со Европската унија. Од Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, тогаш изјавија дека не биле информирани за таквата одлука од страна на властите.

„УНХЦР е загрижена дека дел од луѓето немаат документи со нив, поради тековните постапки за регистрација на новороденчињата. Едно од семејствата е и во процес на семејно обединување со останатите членови во земја од Европската унија. “

Според информациите на УНХЦР ниту едно лице од оваа група нема поднесено барање за азил во земјава. Но и покрај тоа, таму сега има околу 40 тина луѓе. Дел од нив остана поради документи, други, пак, сега се сместија, откако се обидувале нелегално да ја поминат границата, а пак има и такви кои се вратени по планиските премини од српската полиција, иако кампот официјално е затворен за нови мигранти, велат од невладините организации кои се грижат за нив.

Околу 10 мигранти се сместени во безбедна куќа, 6-мина се во индивидуално сместување, а 30-тина во прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово.

Токму овој центар во минатогодишниот извештај на Европската комисија беше евидентиран како небезбеден, односно дека е цел на организирани криминални групи кои оперираат во доцните часови кога има недостаток од обезбедување. Коментар за таквата состојба не добивме, ниту од директорот на институцијата, ниту од Министерството за труд и социјална политика.

Арбнор Тефику од невладината организација Граѓански развој - Ваксинце, вели дека дел од новите „жители“ на кампот во Табановце се мигранти кои се вратени до Србија во Македонија, но на неофицијален начин.

„Има и такви случаи кога влегуваат од Бугарија во Србија, па Србија ги враќа во Македонија, но не ги враќа официјално во кампот, туку ги пушта во нивите, што е дополнителен проблем и за нас како држава“, вели Тефику.

Тој вели дека според информациите од терен балканската рута не е целосно запечатена, низ неа криумчарите успеваат да пренесат нелегално мигранти.

Според податоците од МВР од затворањето на границите на 8 март минатата година до ноември полицијата открила над 25 илјади нелегални обиди на мигранти за влез во земјава, и како што велат истите се вратени во Грција. Но МВР не открива на каков начин се вратени овие 25 илјади луѓе, односно дали е тоа по договорот за реадмисија или не. Според одговорот од МВР полицијата поднела барања за реадмисија до Грција за 135 државјани на трети земји, од кои од грчка страна е одговорено позитивно за 89.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур е во тек на испитување на колективни враќања на бегалци од границата на Македонија кон грчкиот камп Идомени во Грција, кои се случија во март 2016 годин, објави Македонското здружение на млади правници.

Според податоците на МВР во тој период полицијата открила и евидентирала 69 случаи на криумчарење на односно спречено е криумчарење на вкупно 1484 мигранти, по што кривично се гонат 57 сторители на „криумчарење на мигранти“.

Во меѓувреме кај каменот 59 австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц и неговиот македонски колега Никола Попоски ги посетија полицајците од мешан состав кои заедно со македонската војска ја обезбедуваат македонско грчката граница, но не влегоа во транзитниот центар.

Попоски,пак, пред медиумите изјави дека токму мерките кои ги презема Македонија вродија со плод на европското тло.

Мерсиха Смаиловиќ од невладината Легис вели дека грижата на Македонија во овој период наликува и во тоа што се случува во Европа, а најдобар приказ е за тоа посетата на Курц и Попоски на Винојуг, кои не сакаа ниту да ги посетат бегалците во кампот.

„Не е нормално после една година да имате задржување на бегалци во затворен камп. И понатаму немајќи слух да се направат камповите од отворен тип, да се смени нешто во камповите, кажува дека Македонија ја води истата политика, односно дека не се грижи да смени нешто за да им овозможи легален статус“, вели Смаиловиќ.

Таа додава дека не може да се запечати границата и да се спречи еден нормален ток на миграција.

„Мигрантите наоѓаат други начини за да стигнат до својата цел, само со затворањето на границите се стимулира нешто што е незаконско и нехумано, а тоа е криумчарењето и трговијата со луѓе. Им се направи огромна услуга на криумчарите и на трговците со луѓе, на штета на една ранлива категорија, а тоа се бегалците. Тоа што може да го видиме е дека тие и понатаму се движат и успеваат да стигнат до Европа. Легис има хуманитарен пункт во Лојане и секојдневно забележуваме бројки на мигранти кои ги бараат услугите на криумчарите за да продолжат понатаму“, објаснува Смаиловиќ.

По една година од затворањето на европските врати за мигрантите се покажа дека западнобалканската рута се уште не е целосно затворена. Патеката која покрај македонските железнички пруги водеше од Грција до Србија годинава доби нови димензии. Кон мрежата се приклучија и македонските соседи, па мигрантите сега се обидуваат и преку Косово и Бугарија да влезат во Србија.

Според полициските билтени, најчесто за криумчарење се осомничени или обвинети возачи, но не и организатори на криумчарската мрежа. Кога станува збор за жртви на криумчарската мрежа, според јавно достапните податоци, од ноември минатата година нивната бројка изнесува околу 5 илјади.

Целосно затворање на балканската мигрантска рута

Гоце Атанасов

Земјите по должината на Балканската мигрантска рута се согласија да ги дозапечатат и онака затворените граници за да спречат можен бран луѓе кои се обидуваат да стигнат до богатите земји во Европската унија.

Планот за затворање на преостаните дупки на рутата од Грција до Австрија и Германија треба да биде подготвен до април, се согласија деновиве во Виена министрите за внатрешни работи и за одбрана од земјите кои се наоѓаат на балканската мигрантска рута. Планот е врз основа на претпоставката за можно пропаѓање на договорот меѓу Брисел и Анкара за задржување на мигрантите во Турција.

Најголемиот мигрантски бран се одвиваше во 2015 и 2016 година кога илјадници луѓе од Блискиот Исток секојдневно ги минуваа границите до Австрија и до Унгарија. Нивниот број се намали откако балканската рута и официјално беше затворена пред 11 месеци.

Сепак, само во јануари во Австрија илегално влегле околу илјада луѓе за да побараат азил. „Ситуацијата не е како што предвидуваме“, оцени Петер Доскоцил, министер за одбрана на Австрија, земја која го презеде раководството на регионалниот одговор на мигрантската криза.

Австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка пак, вели:

„Ние сакаме да се воспостави механизам за координација, што автоматски би можел да почне со работа во сите различни околности. Тој вклучува не само дипломатски врски, но исто така и рамка на правила со кои ќе им се овозможи на овие земји да реагираат каскадно во одредени предизвици“.

Дека мигрантскиот бран може да се повтори сведочат и жителите на грчкото место Орестијада во близина на реката Еврос, на границата меѓу Грција и Турција. Поради лошите зимски услови на Егејското море и неможноста лесно да се стигне на грчките острови, мигрантите ја користат оваа најкратка рута кон Европа.

„Нема промена на миграцискиот тек. Ако прашувате дали проблемот е решен; не тој не е решен, туку продолжува. Ако прашувате дали има пораст; да, има, можеби повисок од очекуваниот“ вели Пасхалис Сиритудис кој е шеф на тамошната полиција.

Полицијата спроведе неколку акции за одбивање, но мигрантите се уште им плаќаат на шверцерите над 2 илјади евра за да ги пренесат преку реката. Најмногу се од Сирија. Тие во Грција веднаш добиваат третман на бегалци. Оние другите се соочуваат со депортација или со злоставување од страна на шверцерите кои најчесто ги оставаат да се снаоѓаат сами.

ЕУ среќна од „затворањето“ на балканската рута

Во изминативе две години низ македонската територија минаа речиси милион бегалци, кои го напуштиле својот дом поради војна или насилство. За дел од луѓето кои минуваа низ Македонија, земјите членки на ЕУ се согласија да ги именуваат како економски мигранти затоа што во нивните земји нема војна, но како што велеа тие што ги анкетиравме во тој период, бегаат од тешка сиромаштија и екстремно лоши услови за живот, па си ја пробуваат среќата подалеку од домашното огниште.

Европските политичари често пати посочуваат дека е можно оддржување на Европската унија без внатрешни граници, со помош на ефикасна контрола на надворешните граници. Дел од нив изјавија дека и дека ЕУ може да биде среќна што „балканската рута“ според нив е успешно затворена, затоа што во текот на 2015 и почетокот на 2016 година во западна Европа преку тој канал дневно пристигнуваа по 16 илјади луѓе а по нејзиното затворање таа бројка е намалена на помалку од илјада дневно.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG