Криумчарите ја одржуваат во живот балканската мигрантска рута. Откако земјите членки на ЕУ ја затворија западнобалканската рута на почетокот на март, македонските полицајци и војници заедно со нивните европски колеги долж граничната линија спречиле речиси 12 илјади мигранти нелегално да влезат во земјава и истите ги вратиле во Грција, велат од Министерството за внатрешни работи. Од таму додаваат дека од почетокот на годинава до сега се покренати 19 кривични пријави за криумчарење на мигранти против 23 луѓе кои се обиделе да прокриумчарат 319 мигранти.
Дополнително тешките услови, посебно во Идомени на пример и безнадежната состојба ги тера луѓето на очајнички мерки и ги преминат границите без разлика што со тоа го ставаат своето здравје и живот во ризик.Љубинка Брашнарска, УНХЦР.
Мигрантите се најчесто по потекло од Сирија, Ирак, Иран, Авганистан и Пакистан. Од МВР објаснуваат дека мигрантите кои се фатени во нелегалниот обид да поминат низ македонската територија кон некоја од европските земји се однесени во прифатниот центар во Гази Баба каде што чекаат да бидат процесуирани судските постапки против нив.
Според податоци на МВР во моментов во Табановце се останати 234 бегалци, а 101 има во гевгелискиот центар Винојуг.
Љубинка Брашнарска од УНХЦР вели дека справувањето со мигрантите во прифатните кампови сега е полесно, поради намалувањето на бројот на бегалци.
„Полесна е состојбата од аспект на услугите што им се нудат на бегалците таму, со тоа што дефинитивно тие не можат да понудат услови за долготраен престој и на тие луѓе досега им е многу тежок престојот, затоа што од самиот почеток центрите не беа оспособени за подолготраен престој“, вели Брашнарска.
Според податоците на УНХЦР во Македонија има околу 500 мигранти и бегалци кои се сместени во двата кампа и во Центарот за баратели на азил.
Според неделниот извештај на Хелсиншки комитет во прифатниот центар во Табановце на почетокот на месецов бројот на бегалци изнесувал 600, што значи нивната бројка е за повеќе од двојно намалена и не постојат конкретни информации за тоа што се случило со луѓето кои го напуштиле кампот.
Брашнарска вели тоа се центри од отворен карактер и дека дел од нив побарале да влезат во системот за азил, односно да аплицираат за азил, па сега се префрлени во центарот во Визбегово каде што во моментов има околу 60 луѓе.
„Дел од нив претпоставувам дека некако го продолжиле своето патување, така што во моментов се бројките тие што се. Дополнително треба да се имаат на ум фактите дека тие лица што првична цел не им била да дојдат тука во земјава, туку да го продолжат своето патување, ќе се обидуваат да најдат начини да го продолжат своето патување. Дополнително тешките услови, посебно во Идомени на пример и безнадежната состојба ги тера луѓето на очајнички мерки и ги преминат границите без разлика што со тоа го ставаат своето здравје и живот во ризик. Организациите што работиме со нив ги информираме за ризиците кои што доаѓаат со таквите постапки, но не секогаш тоа има ефекти.“
Од друга страна, пак, и бројот на бегалци во прифатниот центар пред гевгелискиот камп постојано варира затоа што полицијата таму ги носи бегалците кои ги затекнува на патиштата низ земјава од каде потоа ги враќа во Грција. Причината за тоа се недостатокот на просторни услови во полициската станица во Гевгелија се вели во извештајот на Хелсиншки комитет.
Поради ниските температури навечер во кампот се поставени и греалки. Вкупната бројка на бегалци кои биле сместени во кампот минатата недела и потоа вратени кон Грција изнесува 1267, е наведено во извештајот. Невладините организации и Црвениот крст и натаму се грижат за храна, облека и медицинска помош за бегалците.