Достапни линкови

Соседски односи на жителите на Табановце и заглавените мигранти


Децата во кампот се комуникативни. Сакаат да се сликаат, по нешто зборуваат на македонски, а и на прашањата на англиски, одговараат на македонски.

Мирно е и тивко во Прифатниот центар за бегалци во месноста Сланиште, на железничкиот граничен премин Табановце, на македонско-српската граница. Во кампот престојуваат помалку од 400 бегалци, главно од Сирија и Авганистан. Меѓу нив, деца, жени, повозрасни и млади луѓе. Некои се и по четири месеци тука. На изглед трпеливо чекаат да се отвори границата и преку Србија да заминат во некоја од западноевропските земји, a додека чекаат се обидуваат да се навикнат на секојдневието во кампот, комуницираат со мештаните, некои научиле и македонски. Кога ќе им биде здодевно во кампот, излегуваат од него, шетаат низ маалото, се поздравуваат со новите соседи, се насмевнуваат. И мештаните сочувствуваат со нивната мака, та затоа им помагаат колку можат. Засега развиваат добар соседски живот.

„Ние учиме арапски, тие македонски и англиски за да се разбереме. Кога им треба нешто бараат од нас. Најчесто бараат салати, лажици, чинии, тенџериња кога сакаат да си готват. Веројатно сакаат сами да си зготват. Не се плашиме од нив“, раскажува Тања, чии деца играат со бегалците.

„Малку по малку и тие ќе бидат како наши луѓе“, додава Верица.

„Кога ќе се сретнеме си викаме здраво. Градиме соживот, што да правиме“, низ насмевка велат двете жени.

„Еве ги децата се играат со нашите. Нема закачки помеѓу нив, оти родителите многу внимаваат на тоа нивните деца да не ни пречат“, велат тие.

Тања и Верица велат дека мигрантите не им пречат, освен што во кампот не е како во дом. Особено што почнуваат високи температури, а тешко може да се одржува хигиена, што и за едните и за другите не е добро.

„Тие не би останале тука ниту еден час кога би можеле да заминат. Ние еден ден ако немаме вода или струја се нервираме, а на нив како им е!“, велат тие.

Бројот на мигрантите се намалува, иако официјално границата не е отворена. Мештаните претпоставуваат дека се снаоѓаат преку тајни премини, со помош на некои луѓе и заминуваат.

Некои од запрашаните мигранти велат дека чекаат да се отвори границата и да го продолжат патот до крајната дестинација.

„Тука сум три месеци, долго време. Чекам наскоро да се отвори границата и да заминам. Не би сакал да останам во Македонија, а и да сакам би било многу тешко. Со мене е и еден мој роднина“, вели 20-годишно момче од Авганистан.

Децата во кампот се комуникативни. Сакаат да се сликаат, по нешто зборуваат на македонски, а и на прашањата на англиски, одговараат на македонски. Повеќето веќе четири месеци се во кампот. Еден од нив е и 14-годишниот Бариали од Авганистан. На брзина го раскажува неговото животно патешествие. Толку колку што му останало во сеќавање.

„Четири месеци сум тука со мајка ми, тројцата браќа и сестра ми. Во Авганистан е војна, со мајка ми и татко ми заминавме во Иран. Таму имавме проблеми, но татко ми остана. Не знам каде ќе одиме, во Австрија или Германија. Во Австрија мајка ми има сестра“, вели тој.

Бариали раскажува дека има проблеми со срцето и кога ќе му биде тешко, го носат во болница во Скопје. А кога срцето не го мачи, тој е весел и расположен. Не се жали на ништо, но сака што поскоро да замине од кампот.

Тешко им е на овие луѓе кои поминале низ многу премрежија, стасале до тука, а неизвесноста сè уште им стои над глава. Но, благата насмевка и по некое климање со главата во знак на поздрав не им изостанува. Веројатно и затоа мештаните на Сланиште ги прифатиле и се однесуваат со нив како со добри соседи.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG