Достапни линкови

Македонија не сака бегалски кампови на своја територија


Мигранти чекаат воз во Гевгелија на 24 февруари 2016
Мигранти чекаат воз во Гевгелија на 24 февруари 2016

Нема никаква основа Македонија воопшто да биде место на прием, со оглед на фактот дека ниту е причинител, ниту пак прва безбедна земја на влез за мигрантите. Секој мигрант во Македонија влегол од земја членка на ЕУ, велат во МНР по изјавата на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц за отворање бегалски кампови надвор од ЕУ.

Предлогот на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц за отворање бегалски кампови на територија надвор од ЕУ, односно на Балканот, Грузија и во Египет, што заедно ќе работат со Високиот комесаријат за бегалци на ОН, ја разбранува јавноста. Од канцеларијата на УНХЦР во Скопје велат дека досега немаат добиено конкретни предлози за такво нешто, па како што велат, е невозможно да коментираат.

„Сепак, општо земено, планови за надворешно процесирање треба да се прават само во исклучителни ситуации и каде што постојат соодветни заштитни мерки. За да биде прифатливо таквото процесирање, дополнителен услов би бил согласноста на државите на чија територија би се вршело процесирањето. Треба да се нагласи и дека таквото процесирање не смее да ги наруши постојните системи за заштита на бегалци во овие држави“, велат за Радио Слободна Европа од канцеларијата на УНХЦР во Скопје.

Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, во писмена реакција, посочија дека не смее да се дозволи создавање на бегалски кампови во балканските држави кои не се членки на ЕУ, затоа што тоа може да ја доведе во прашање стабилноста на Македонија, која нема доволно капацитет и ресурси за да се справи со очекуваниот прилив на мигранти.

„Македонија е транзитна земја и бегалски кампови нема да има“, се вели во реакцијата на Кабинетот на шефот на државата.

Од македонското министерството за надворешни работи велат дека соработката со земјите членки на ЕУ е во насока рутата да остане затворена.

„Македонија ќе продолжи да обезбедува хуман и безбеден третман само на мигрантите кои легално би транзитирале низ државата. Нема никаква основа Македонија воопшто да биде место на прием, со оглед на фактот дека ниту е причинител, ниту пак прва безбедна земја на влез за мигрантите, особено, знаејќи дека секој мигрант кој ни се нашол на територијата на Македонија дошол од земја членка на ЕУ, која по дефиниција е безбедна“, велат од МНР.

Во меѓувреме, од австриското министерство за надворешни работи пристигна и дообјаснување на интервјуто на Курц за германскиот весник „Билд ам Зонтаг“ кое беше објавено пред два дена. Во вчерашното дообјаснување е наведено дека целта на неговиот пристап кон Балканот е да им се помогне на одделните земји, особено на Македонија, да се справат со мигрантската криза и реадмисијата на мигрантите во нивните матични земји, но не и да се отвораат кампови за мигранти.

„Во врска со можноста за отворање кампови за мигранти, позиција на австрискиот министер за надворешни работи е дека „идеална ситуација е бегалците мигранти да бидат запрени на самата граница и во најдобар случај, потоа да бидат вратени директно во нивните матични земји. Доколку ова не е возможно, може да бидат испратени во центри за азил, пред сè во Северна Африка или во Египет, или долж некоја од другите рути на бегалци надвор од Европската унија, но тоа не значи дека некоја земја беше посочена во врска со овој предлог, или пак дека со него е поврзана некаква условеност“, се вели во дообјаснувањето од Канцеларијата на министерот Курц.

Невладините организации кои изминативе години им помагаат на мигрантите кои минуваат низ западнобалканската рута, ја осудуваат идејата за создавање на бегалски кампови долж која било рута, затоа што според нив тоа е кршење на основните човекови права. Мерсиха Смаиловиќ од Легис вели дека првичната изјава на Курц е сугестија за создавање на отворени притвори кои ќе им го ограничат правото на движење на мигрантите.

„Туку и можеме да кажеме дека го покажува тој елитистички однос кон земјите кои не се дел од ЕУ. Ете вие ќе ја одработувате валканата работа за ЕУ, а ние ќе останеме со чисти раце. Такво нешто е спротивно на човечкиот разум да се прават Гвантанамо центри и затвори на територии кои се континентално во Европа, но не се дел од Унијата. Јас целосно ја осудувам таа изјава“, вели Смаиловиќ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG