Достапни линкови

Последици од можно раскинување на договорот ЕУ-Турција за мигрантите


Мигрант во Србија, 6 април, 2017.
Мигрант во Србија, 6 април, 2017.

Македонија ќе трпи последици ако се раскине договорот ЕУ-Турција за бегалците, оти како што велат експертите, кога ќе се судрат два воза никој не ги брои мртвите.

Доколку се раскине договорот меѓу Европската унија и Турција за задржување на мигрантите и бегалците и повторно се отвори балканската рута, ситуацијата може да има сериозни последици врз Македонија, велат професори од Правниот факултет во Битола.

„Тоа е договор, кој по мое мислење е на стаклени нозе, зашто Европската унија не ја даде визната либерализација која и ја вети на Турција, а и поради другите случувања и несогласувања се поставува прашањето што ако некоја од двете страни го раскине договорот и каде би се нашла Македонија ако пак се отвори балканската рута?“, вели професорката Ангелина Станојовска.

Професор Горан Илиќ, декан на Правниот факултет, кој е експерт за ЕУ, вели дека најголема полза за ЕУ е да бидат затворени овие рути за да не ги трпи последиците од неконтролиран трансфер на мигранти.

„Во судирот меѓу два воза, никој не ги брои мртвите. Тоа би бил ефектот на отворањето на балканската рута, доколу Турција го раскине договорот со Унијата или обратно. Видовме дека Турција мошне вешто манипулира со договорот со Европската унија. И Унијата се согласи да биде во договор со Турција за да издејствува своја полза“, вели тој.

Европа не смее да биде тивок набљудувач кон состојбите во Сирија, а мигрантите да ги доживува како закана, рече професорката Елена Тиловска Кечеџи, доктор по политички науки.

„Миграцијата треба да се гледа како прашање за човештвото, а не како закана кон човештвото. Треба да се преземат одредени одговорности од ЕУ, а не да седи на страна постојано и во однос на Сирија да биде тивок посматрач на целата ситуација, туку да заземи поинаква позиција. Јасно да се утврди разликата меѓу мигрант и терорист“, рече Тиловска Кечеџи.

Балканската рута беше затворена во 2016 година, но продолжи илегално криумчарење мигранти низ европските земји до таа мера што тоа прерасна во бизнис со човечки судбини.

„Европол во своите податоци заклучи дека некаде околу 50 илјади луѓе беа вклучени во бизнис со криумчарење мигранти по почетокот на мигрантската криза. Од 2015 до 2016 година 10 илјади луѓе биле откриени од органите за вакви извршени дела. Можеше кој било од мигрантите во Бодрум или Измир да си купи пат до Германија. Имаше податоци дека се даваа 2.500 евра за да се стигне до ЕУ преку Италија или 4.500 евра за да купите пасош или да добиете виза и до 8.000 евра за да добиете авионски билет“, рече професорката Станојовска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG