Трамп останува посветен на одбраната на Европа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Столтенберг: Трамп му е посветен на НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по состанокот на лидерите на Алијансата во Брисел изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп бил јасен во неговата посветеност за одбраната на Европа. На овој состанок е решено Алијансата да се вклучи во коалицијата која се бори против екстремистите на ИД.

Генералниот секретар Столтенберг прецизира дека тоа не значи оти НАТО, чии членки поединечно веќе учествуваат во коалицијата, како организација борбено ќе учествува во справувањето со исламските терористи.

Тука пред се, станува збор за значително поголема воздушна и разузнавачка поддршка на тие напори.

Исто така, е договорено сите членки да го зголемат издвојувањето за буџетот на НАТО.

Решено е, како што изјави Столтенберг, земјите да утврдат национални планови за вложување во одбраната.

„Неколку НАТО сојузници исто така изразија дека ние треба да инвестираме во одбраната не само за да им удоволиме на Соединетите Држави, туку треба да инвестираме, бидејќи е од наш интерес да го правиме тоа“, рече тој.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп го повтори барањето за пофер распредлба на трошоците за НАТО.

„23 од 28 земји членки се уште не плаќаат она што би требало да го плаќаат за нивна одбрана. Тоа не е фер за народот и даночните обврзници во Соединетите Држави“, рече Трамп.

Лани Трамп се закани дека ќе се откаже од американските сојузници во Европа доколку не ги исполнуваат финансиските обврски спрема НАТО.

Тоа вознемири некои земји кои граничат со Русија и кои страхуваат од намерите на Москва.

Шефот на НАТО Столтенберг, во врска со се попродорната политика на Русија, изјави дека НАТО останува на политиката на засилување на моќта на одвраќање, но истовремено ќе се стреми кон дијалог со Москва.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се прошири видеото кога Доналд Трамп го потурнува премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ за да застане прв за време на групната фотографија на самитот на НАТО во Брисел.

Дел од медиумите на Балканот тоа го проследија со „Америка на прво место“.

„Тоа воопшто не го регистрирав. Само видов реакции во врска со тоа на социјалните мрежи“, рече Марковиќ, додавајќи дека ја искористил можноста да му се заблагодари на претседателот Трамп за поддршката на членството на Црна Гора во НАТО.