Достапни линкови

Состанок на лидерите на НАТО во Брисел


Апатурај: НАТО сојузниците загрижени за реформите во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

Апатурај: НАТО сојузниците загрижени за реформите во Македонија

Реформите се најдобар начин за да се влезе во НАТО. Ова го изјави Џејмс Апатурај, заменик помошник на генералниот секретар на НАТО за политички прашања во врска со денешниот состанок на лидерите на Алијансата во Брисел. На овој состанок за прв пат учествува и претседателот на САД Доналд Трамп, како и Црна Гора.

Овој состанок на НАТО за прв пат се одржува во новото седиште на Алијансата.

Токму тоа го спомна и заменик помошникот на генералниот секретар за политички прашања Џејмс Апатурај во врска со натамошното проширување на НАТО:

„Секако не е мое да предвидам што ќе се случи. Има две поенти: Едната е дека има многу место во ова големо ново седиште, па ние ќе го прифатиме секој аспирант што ги исполнува стандардите на Алијансата. Втората е дека напредокот е во нивни раце. Реформирањето е најдобар начин за придвижувањето кон прагот на НАТО и евентуално минување низ вратата“, рече тој.

Тоа, како што вели Апатурај,практично за земјите аспиранти од Западен Балкан ќе значи дека сојузниците ќе работат многу напорно за да ги поддржат нивните реформи.

„Има три земји кои се официјални земји аспирантки, тоа е Босна и Херцеговина, поранешната југословенска Република Македонија и Грузија“, вели Апатурај, додавајќи:

„Ќе бидам многу отворен: мислам дека во случајот на двете аспирантки од Западен Балкан постои реална загриженост за патот на напредокот на реформите, во некои случаи дури и пресврти во политичкиот процес. Видовме насилство во Скопје, неодамна во парламентотшто навистина ги загрижи сојузниците“, рече тој.

Апатурај оценува дека најголемите елементи на сликата за безбедноста на Европа се Русија и меѓународниот тероризам и оти НАТО во наредниот период треба даодговори на овие предизвици.

За таа цел е неопходно да се зголемат трошоците за одбраната на сите земји членки на Алијансата.

Пред состанокот американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави дека претседателот Доналд Трамп ќе биде многу цврст во барањето за пофер распоредување на трошоците во одбраната.

Само САД, Британија, Полска, Естонија и Грција ги исполнија финансиските обврски за минатата година. На Вашингтон отпаѓаат околу 70 отсто од трошоците на Алијансата.

Сите членки на НАТО индивидуално се вклучени во коалицијата против тероризмот, но се очекува и НАТО како организација да го стори тоа.

Генералниот секретар Јенс Столтенберг е уверен дека Алијансата е способна да да се промени во светот кој се менува. Тој оцени и дека приемот на Црна Гора во НАТО е чекор напред за стабилноста во Западен Балкан.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG