Достапни линкови

Европратеници бараат прекин на преговорите со Турција


Побаран прекин на преговорите меѓу ЕУ и Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Побаран прекин на преговорите меѓу ЕУ и Турција

Водечки пратеници во Европскиот парламент побараа официјален прекин на преговорите за прием на Турција во Европската унија кои и онака подолго време се во застој. Како причина ги наведуваат плановите на претседателот Ердоган да добие поголеми овластувања по одржаниот рефрендум за уставни промени.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан обраќајќи им се на европратениците изјави:

„Кога уставните промени ќе бидат целосно имплементирани, Турција ќе се движи дури и подалеку од европските стандарди, особено во врска со поделбата на власта и независноста на судството“, рече тој.

Шефот на најголемата фракција во европаралемтот, централнодесничарската Европска народна партија, германецот Манфред Вебер оцени дека полноправното членство на Турција во Европската унија веќе не може да биде остварено.

„Секој со отворени очи може да види дека е време да се преиспитаат нашите односи и прашањата на комесарот до нас заслужуваат одговори. За Европската народна партија, полноправното членство на Турција во ЕУ не е реално. Ние треба да му ставиме крај на секоја форма на хипокризија“, рече тој.

Сличен е и ставот на британскиот конзервативен пратеник Саед Камал:

„Прво, треба да бидаме искрени со Турција дека никогаш не може да биде членка на Европската унија. Има премногу проблеми. Предрасудите против претежно муслиманско население, поголемиот дел од територијата која се наоѓа главно во Азија, изгледите за слободно движење на милиони Турци, изгледите за право на глас во Советот, и тука во овој парламент, и надворешната граница на ЕУ која ќе биде со земји како Иран, Ирак и Сирија“, рече Камал.

Затоа некои пратеници побараа од шефовите на дипломатиите на Европската унија да разгледаат поинакви видови на врски со Турција. Белгискиот пратеник Ги Верхофштад рече:

„Мислам дека сега од клучно значење е да се оди на нова соработка и да се направи нов предлог за Турција. Мислам дека ние треба да ги прекинеме преговорите за членство. Тие всушност веќе не се ни преговори за пристапување, тие всушност се суспендирани. Тие не се формално суспендирани, но во суштина се суспендирани“, рече тој.

Односите меѓу Унијата и Турција која е членка на НАТО се влошија откако турските власти затворија илјадници луѓе по нуспешниот државен удар во јули лани.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG