Претседателот Ердоган во интервју за новинската агенција Ројтерс ја критикуваше одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа, водечко тело за заштита на човековите права, да ја стави Турција на списокот за набљудување.
Тој оваа одлука ја оцени како целосно политичка и затоа Турција не ја признава.
„Би сакал да ја повикам Европската унија да ги исполнува своите ветувања, тие не ги исполнија нивните ветувања и се уште не го прават тоа. Се уште постои отпор. Нема смисла да се поправа нешто површно“, вели Ердоган.
Тој притоа додаде дека е подготвен да организира референдум за членство на земјата во Унијата и оти Турција, која 54 години чека пред европската врата, не може тоа да го прави бесконечно.
„Европската унија мора сама да се критикува. ЕУ е на работ на распуштање или, ако сакате на растурање. Една или две земји не можат да ја чуваат ЕУ во живот. Тие треба да го знаат тоа. Ви треба земја како Турција, искрена земја која симболизира различна вера. Ова ќе ги направи многу силни. Но, членките на ЕУ изгледа не го сфаќаат тоа“, вели Ердоган.
Најавувајќи дека ќе се врати во владејачката Партија на правдата и развојот откако ќе бидат потврдени резултатите од референдумот за уставни измени со кои се прошируваат овластувањата на претседателот Ердоган ги критикуваше опозициските партии за нивните обиди да ја оспорат, како што рече, волјата на граѓаните.
Откако турскиот Висок управен суд ги отфрли приговорите од Републиканската народна партија сега опозицијата најави дека случајот ќе го префли во Европскиот суд за човекови права.
Меѓународните монитори исто така пријавија низа нерагуларности, меѓу нив и одлуката на изборната комисија да прифати гласачки ливчиња кои немаат официјален печат.
Ердоган во интервјуто за Ројтерс изјави дека засега не се планирани предвремени избори во Турција.