Пред првото учество на Трамп на состанок на НАТО

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп во НАТО за контратероризмот и трошоците

Американскиот претседател Доналд Трамп за прв пат ќе учествува на состанок на лидерите на НАТО во Брисел на 25 мај. Во изборната кампања тој побара од членките да трошат повеќе за одбраната, оценувајќи дека Алијансата била застарена. Трамп го смени мислењето и вели дека тој помогнал таа да се фокусира врз контратероризмот.

Трамп, во рамките на неговото прво патување во странство како претседател, ќе се сретне со лидерите на НАТО во Брисел. Тие ќе се соберат во новото седиште на Алијансата чија изградба чинеше над една милијарда долари.

Трамп ја нарече Алијансата застарена организација за време на претседателската кампања, но го смени мислењето откако во април разговараше со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Генералниот секретар и јас имавме продуктивна дискусија за она што НАТО може да стори повеќе во борбата против тероризмот. Реков дека е застарено. Но, веќе не е застарено. Ние исто така треба да обезбедиме дека членките ќе ги исполнат нивните финансиски обврски и да го платат она што го должат. Многу не го прават тоа“, рече тој.

Сите 28 членки ветија дека ќе трошат два процента од БДП за одбраната до 2024 година. Само пет земји досега ја исполнија обврската. Се очекува лидерите да објаснат како ќе ја исполнат оваа цел.

Како дел од церемонијата на отворање на новото седиште Трамп ќе оддаде почит пред споменикот направен од урнатините на Светскиот трговски центар и на Берлинскиот ѕид.

Мишел Флурној, екс потсекретар за одбрана вели:

„Мислам дека ќе дојде на Самитот, сакајќи да ги увери сојзниците оти можат да сметаат на Соединетите Држави“, вели тој.

Погодена од руската агресија во Украина, Алијансата го почна разместувањето на четири меѓународни баталјони во балтичките земји и во Полска.

Состанокот во Брисел се одржува во време на сегашните истраги во САД за можните врски меѓу изборниот тим на Трамп и Русија.

Трамп сака НАТО повеќе да се вклучи во борбата против милитантите на Исламската држава. Столтенберг деновиве изјави:

„Со приклучување на коалицијата, НАТО може да испрати јасна порака за поддршка на сојузот. Многу важно е да се истакне дека НАТО не се ангажира во никаков вид борбена операција“, рече тој.

Трамп нема да биде единствениот нов лидер на собирот. Во Брисел ќе биде и Емануел Макрон кој стана претседател на Франција и кој ќе има тет а тет средба со Трамп.

Тој, пак, по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во март на Твитер напиша:

„Германија должи огромни суми за НАТО и САД мора да плаќаат за посилна и поскапа одбрана за Германија“, напиша тој.

Потсетувајќи дека Трамп некогаш за Брисел изјави дека е „пеколно место“, некои граѓани планираат да го пречекаат со протестен марш. Еднодневниот собир на НАТО ќе го обезбедуваат 2 илјади полицајци.