Во едно време кога секојдневниот живот ни е толку тензичен и толку напнат што љубовта ја ставаме во втор план, сметав дека „Посвета за љубовта“ ќе биде вистинскиот наслов за мојот рецитал. Едноставно желбата ми беше сите оние кои ќе дојдат на концертот да се почувствуваат дека се некаде кадешто навистина системот и работите помагаат да им биде попријатно отколку во реалноста.
Вака Весна Гиновска Илкова, водечкиот оперски драмски сопран во Македонија, „певица со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и силно сценско присуство“, ќе ја започне сторијата за својот актуелен проект.
Таа истакнува дека ваквата нејзина заложба може, во некоја рака, да се смета за крик на еден уметник во однос на менување на стварноста. Дека исклучително е важно уметниците да дејствуваат од своето творечко поле кон отворениот аудиториум. Притоа нагласува дека сублимат на сите единки во уметностите е токму љубовта.
„Првенствено во државата треба да биде љубовта и сплотувањето на луѓето едни меѓу други. Овие времиња премногу нè поделија, премногу нè депримираа, премногу јад и чемер ни создадоа. Љубовта е таа којашто ќе нè спои. Уметникот е тој којшто треба, мора да ја пренесува таа енергија за луѓето коишто се публика на тие настани да си отидат дома со полна душа и срце“, вели таа.
Гиновска Илкова дополнува дека е точно оти мнозина нејзини колеги влегле во една чудна политичка авантура, но истакнува дека ним не им е таму местото оти тие најдобро се изразуваат на сцената. Вели дека секој си има право на сопствено мислење, дека секој си има право на свој крик - да излезе и да даде нешто од себе, да подржи или да не подржи некоја платформа, но дека според неа уметникот е најсилен на сцена.
„Јас со тие луѓе сум во гримиорните, на сцената, додека се припремаат претставите. Ние се знаеме меѓу себе како дишеме. И не сакам да верувам дека тие имаат второ јас коешто низ сите овие години не сум го запознала. Ние сите имаме различни ставови према нештата, према државата, према општеството, према моментот, ситуацијата во којашто живееме, секој го почитува туѓото мислење. Барем така е кај нас во Операта. Ние воопшто не дискутираме за тие политички моменти затоа што знам дека секој го почитува моето мислење. И јас го почитувам неговото. Едноставно тие се минорни во однос на тоа што е приоритетот во моментот. А, приоритетот е креирањето на една оперска улога“, вели таа.
Певицата ќе рече дека политиката е влезена во сите пори на општеството. Дека се случуваат нешта дури што некогаш биле незамисливи – вработувањата и во операта да се потпират на партиската припадност.
„Политиката премногу навлезе во институцијата. Младите луѓе коишто доаѓаат многу помалку ги интересира уметноста отколку да најдат начин како полесно и преку определена политичка партија да влезат во Операта. Порано влегувањето во операта беше многу природно. Диригентите постојано беа на Факултетот за музичка уметност. Тие не следеа како чекориме низ годините. И секогаш го избираа најдоброто. Нè правеа да бидеме посамоуверени на сцената како солисти. Денес вие тоа го немате. Денес младите се среќни и задоволни ако влезат во хорот на Македонската опера и со тоа се чини дека се задоволени нивните потреби“, вели таа.
Како професорка на Академијата во изминатава декада, вели дека на своите студенти првото што им го кажува е дека ги подготвува да бидат солисти во МОБ. Од таму не го крие задоволството и гордоста што нејзините „деца“ ги препознаваат нејзините зборови и осознаваат дека е тоа вистинскиот пат по кој ќе треба да одат натаму.
„Јас имам мои студенти коишто се веќе во Европа. „Деца“ кои се на сцените во Германија, во Австрија. Тоа е вистинскиот пат за младиот кадар. Јас се лутам кога ќе речеме „ете и Македонија е дел од светот“. Дел од светот да, но моментот го живееме сега и овде.
Весна Гиновска Илкова своето деби на сцената на Македонската опера и балет го имала во 1996 година во улогата на Михаела во „Кармен“. За отпеаната улога добила многу пофалби, а критичарите побрзале да ја потенцираат нејзината извонредна легато техника. По неколку значајни остварувања на матичната сцена, во 2001 година во Националната опера на Софија се појавува во комплексната улога на Елизабета во „Дон Карло“ од Верди и со тоа започнува и нејзиниот од во меѓународни рамки. Досега настапувала и во Данска, Хрватска, Словенија, Бугарија, во постановките на „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Лидија од Македонија“...
Конечно македонската критика ќе ја нарече „мајстор на патосот и драмата“ и ја потцртува сензибилноста и емоционалноста која Илкова им ја дава на улогите што ги толкува. Освен на оперската, таа е редовно присутна и на концертната сцена со рецитали како „Посвета за љубовта“, а добитничка е и на голем број значајни награди и признанија (како на пример наградата „13-ти ноември“).
Сепак, и покрај 25-те насловни улоги што досега ги имала во кариерата, бројка и нотен текст коишто сами по себе импресионираат, певицата сè уште сонува да се види во некои нови и возбудливи ролји. Вели дека нешто што и останало недоречено во однос на оперската сцена се делата на Вагнер. Дека кога била помлада не ја сакала неговата музика. И била тешка, премногу мрачна. Но како времето поминувало Вагнер почнала да го гледа со поинакви очи. Како композитор во чија музика има многу филозофија.
„Такво нешто во овие години многу би сакала да работам. Нешто што има и во филозофска смисла тежина и згора на тоа драматика. Вагнер досега кај нас досега воопшто не е изведуван и јас веќе во неколку наврати разговарам со моите директори и им велам „дајте ова треба да се стави на нашиот репертоар“. Се надевам дека во блиска иднина ќе го имаме и Вагнер на нашата сцена затоа што тоа куќата тоа го заслужува. Национална институција, единствена во државата заслужува да има лепеза на различен репертоар“, потенцира Ѓиновска Илкова.