Битолскиот универзитет против Шангајската листа, МОН молчи

Битолскиот универзитет е на седмо место од 19 универзитети во земјава, според Шангајската листа. Универзитетот опстојува 38 години, а за да го докаже квалитетот деновиве се спроведува евалуација од независна европска асоцијација.

Министерството за образование месец и половина уште не одговорило на барањето на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ за повлекување на рангирањето од Шангајскиот универзитет, според кое од 19 универзитети во земјава битолскиот падна од второ на седмо место. Тие побараа преиспитување и корегирање на критериумите за рангирање, врз основа на објективни критериуми.

„Се уште немаме никаков одговор од Министерството за образование, иако им испративме уште една ургенција за да биде одговорено. Одговор на нашите наоди нема од ресорното министерство“, вели ректорот Сашо Коруновски.

Според Шангајската листа, Битолскиот универзитет го престигнаа државните универзитети, дури и оние подоцна отворените, но и дел приватни. Пред Битолскиот универзитет се: на прво место Скопскиот, на второ Штипскиот, на трето универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид, Тетовскиот универзитет, па Американскиот колеџ и „Балкан Универзитетот“ од Скопје.

Ректорот Коруновски вели додека не им биде одговорено на приговорот не може да им биде укинато правото да организираат докторски студии.

„Не постои никаква опасност зашто формално на нашето право на приговор кое е уставно загарантирано нема одговор. Разните ранг листи кои не одговараат на состојбите и се резултат на други некои активности, ние како професори и раководство со активности докажуваме дека тоа не е така“, вели ректорот.

Битолскиот универзитет опстојува 38 години, а за да го докаже квалитетот деновиве се спроведува евалуација од независна европска асоцијација.

„Бевме сведоци пред три дена на наше барање на екстерна евалуација од европска Асоцијација на универзитети. Евалуацијата не очекувајте дека е волшебно стапче. Ги детектира сите процеси на еден универзитет и покажува како да се движите напред. Еден сериозен процес на евалуација, ова е прв чин, втор во октомври и резултатите по шест месеци за она што значи процеси и можности на универзитетот“, вели Коруновски.

На второто место на кое до пред неколку години беше рангиран Битолскиот универзитет, сега е штипскиот „Гоце Делчев“, отворен пред десет години. Иако едниот е со долга традиција, а другиот историјата на своето постоење ја пишува во оваа декада, има приближно ист број на факултети. На Штипскиот универзитет има 12 факултети и три академии, а на Битолскиот десет факултети, една висока школа и пет придружни членки.

Иако на Техничкиот факултет во Битола со години опстојуваат електротехничките и машинските студии, на Штипскиот беа отворени Електротехнички и Машински факултет. Понатаму, Економскиот факултет во Прилеп, кој е во склоп на Битолскиот универзитет постои скоро 60 години, ваков факултет има и во Скопје, а беше отворен и во Штип. Факултет за туризам и угостителство денес има во Охрид, а за туризам и бизнис логика во Гевгелија. Битолскиот универзитет со години се обидуваше да добие дозвола Високата медицинска школа да прерасне во факултет, но тоа не се случи, а во Штип се отвори Факултет за медицински науки.