За првпат во Македонија отворена е лабораторија за изолирање на матични клетки од масно ткиво кај пациентите. Отворена е на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и е дел од прекуграничниот Центар за регенеративна медицина кој опфаќа уште една лабораторија на универзитетот „Аристотел“ во Солун. Во лабораториите ќе се изолираат мезенхимални матични клетки кои ќе се користат за лекување на одредени болести кај луѓето.
Онкологот Пеце Стефановски, вклучен во проектот како медицински експерт, објаснува дека изолацијата на мезенхимални матични клетки од масно ткиво кај пациентите е многу значајна.
„На тој начин може да се изолираат тие матични клетки, да се издиференцираат во одредени ткива кај организмот. Кај оние пациенти кои имаат некакво дегенеративно заболување, да се имплементираат, да се стават за да се обнови старото ткиво“, вели тој.
Од македонска страна носител на проектот е Високата медицинска школа. Проектот е финансиран од ИПА фондовите со 480 илјади евра. Засега обезбеден е кадар и опрема, а во иднина треба да започне експериментирањето.
„Овде на универзитетот во Битола сè уште работиме во почетна фаза, работиме во однос на изолацијата и експериментирањето. Очекуваме со развојот на лабораторијата, со овозможувањето на натамошни истражувачки протоколи во иднина да успееме да бидеме центар каде ќе се изолираат матични клетки од пациенти и да им бидат ставени со цел да им се подобри здравјето“, вели Стефановски.
Оваа постапка ќе биде посебно корисна за лекување на малигни заболувања кои во последно време во Битола се во подем.
„Матичните клетки се значајни зашто се поврзани и со малигните заболувања, посебно во сегментот на лекување. Процесите се сè уште во истражување. Но, еден ден ќе имаме можност да делуваме на матичните клетки на ракот сè со цел да го подобриме здравјето на луѓето и да ја елиминираме можноста ракот да се појави после негово привидно излекување“, изјави Стефановски.