Течат последните денови за мандатот, гаранциите се усогласуваат

Архивска фотографија- лидерот на СДСМ Зоран Заев му го достави на претседателот Ѓорге Иванов потписите од 67-пратеници

Нема конкретни информации од СДСМ и од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов за тоа до каде е работата со гаранциите за унитарноста на државата. Рокот до кој Иванов треба да донесе одлука истекува на 19 мај.

На три дена пред истекот на уставниот рок до кој претседателот Ѓорге Иванов треба да ја каже одлуката за доделување на мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, во јавноста се шпекулира за сосема спротиставени опции.

Од СДСМ и денеска остануваат на тврдењето дека сега се во фаза на усогласување на гаранциите за унитарноста со кабинетот на Иванов. И од ДУИ потврдуваат дека тие остануваат на ставот дека ќе учествуваат во давањето гаранции до Иванов. Други детали не откриваат, ниту пак, што конкретно содржат тие гаранции.

Во редовното утринско соопштение од партијата наведуваат дека „реафирмацијата на Програмата на новата Влада на унитарна Македонија, која ќе работи според Уставот во интерес на евро-атлантските перспективи ги разбива сите неразумни аргументи околу мандатот што Ѓорге Иванов е неопходно брзо да го даде“.

Од Кабинетот на Иванов, пак, не одговораат дали ги добиле гаранциите од СДСМ и кога претседателот ќе ја соопшти својата одлука. Тој според непотврдени информации на последниот ден од рокот до кој треба да го даде мандатот, односно в петок би требало да замине во странство што значи дека рокот за одлука би бил до четврток.

По посетата на американскиот дипломат Хојт Ји на први мај, неговиот Кабинет соопшти дека побарале помош од САД, за да се отстранат пречките и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот. Тогаш тој побара од лидерот на СДСМ заедно со коалиционите партнери да обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот. Истиот став го повтори и во потврдата дека го добил и второто писмо од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Џафери, пак, на минатонеделниот брифинг за новинарите рече дека ќе го чека шефот на државата до 19 мај да го додели мандатот, а доколку тоа не се случи, како што порача, ако му биде доставена програма и состав на новата влада од парламентарното мнозинство, тој ќе свика седница за нејзин избор.

„Единаесетиот ден, ако имам предлог програма и предлог состав на нова влада, имам обврска да свикам седница. Нема потреба да молам никого. Јас сум должен да го чекам Иванов до истекот на рокот од 10 дена, потоа се зависи од парламентарното мнозинство“, рече Џафери.

Претседателот на СДСМ Заев на 27 февруари му достави на шефот на државата 67 пратенички потписи како доказ дека имаат мнозинство. Два дена подоцна тој соопшти дека одлучил да не му го даде мандатот на Заев главно поради постизборната политичка платформа, како што нагласи, од туѓа држава која ја загрозувала сувереноста и унитарноста на Македонија.