Достапни линкови

Ако продолжи кризата ќе има отпуштања од работа


Архивска фотографија - Работници работат на плоштадот во центарот на Скопје.
Архивска фотографија - Работници работат на плоштадот во центарот на Скопје.

Претставници на бизнис секторот се загрижени од неможноста да се формира нова влада по изборите во декември, наведувајќи бројни последици врз економијата од политичката криза, која трае речиси три години.

Тие укажуваат дека се отежнати условите за стопанисување и алармираат дека ќе има зголемен број невработени, ако во најскоро време не се стави приоритет на реалните потреби во државата, а тоа се економските проблеми.

Тие потсетуваат дека минатата година ја завршивме со рекордно најниско ниво на економски раст и оти стопанството и бизнисите се уште продолжуваат да имаат проблеми со ликвидност, со тековно работење и неподмирување на обврските, како и со раскинување на договори и нивно ставање во мирување.

Стопанствениците наведуваат дека прв показател за потребата од решение на кризата е падот на индустриското производството во март, за 0,9 отсто, во споредба со истиот период лани.

„Кризата трае подолго време, не само овој период по изборите. Како резултат на кризата ние имаме од многу работодавачи јавување дека се отежнати условите за стопанисување и ако ова потрае, последиците може да бидат големи, односно со отпуштање, бидејќи со намалување на производството ќе дојде до отпуштање на работниците. Работодавачите трпат штета околу нарачките, плаќањето и враќањето на ДДВ од државата“, изјави Пецо Ристески, претседател на Синдикатот за индустрија енергетика и рударство.

Стопанствениците бараат што побрзо да се реши кризата за да почнат да функционираат целосно институциите и владата да се сврти кон стопанството за да сервисираат дел од потребите.

Бизнисменот Мирче Чекреџи наведува дека се соочува со најразлични проблеми поради политичката криза во земјата. Тој наведува дека политичарите треба да бидат свесни оти нивните преговарања не треба да бидат само во нивен интерес, туку и во интерес на стопанството од кое зависи и државата.

„Инвеститорите избегнуваат да инвестираат, штедат повеќе отколку што треба, очекувајќи дека кризата ќе се продлабочува и понатаму. Тие мора да имаат резервни фондови со кои ќе го спасуваат сопствениот бизнис. Се намалува дури и индивидуалната потрошувачка, се намалува продажбата на мало и на големо. Значи се работи за еден т.н психолошки удар врз економијата. Оваа работа мора да се реши час поскоро за да се врати довербата во државата“, вели Чекреџи.

Во прилог на ваквата состојба Чекреџи, кој работи во графичката индустрија, додава дека од почетокот на годинава тој бележи пад за 15 проценти во вкупниот промет во споредба со истиот период минатата година.

На последиците oд политичката ситуација во Македонија по изборите укажа и заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Ји кој нагласи дека е важно да се основа нова влада, за да може во наредниот период вработените во администрацијата да ја добиваат платата и да се извршуваат секојдневните обврски.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG