Достапни линкови

Дневен печат - Посета на Хојт Ји и политичка криза


Архивска фотографија - Изјава за медиумите на Заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Брајан Ји.
Архивска фотографија - Изјава за медиумите на Заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Брајан Ји.

Весниците пишуваат за престојната посета на американскиот дипломат Хојт Ји, за можноста за лидерска средба и за начините како да се излезе од кризата. Може да се прочита и за анти-Сорос пораките, затворањето на Утрински и за исушените палми.

За понеделник е најавена посета на Хојт Ји, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, а Утрински на насловната објавува:

„Иванов продолжува да ги игнорира високите претставници од меѓународната заедница кои доаѓаат во земјава во обид да помогнат во изнаоѓање решение за излез од политичката криза и нема да оствари средба ниту со Хојт Ји“.

Весникот додава дека Кабинетот на Иванов соопштил дека тој веќе имал зацртана агенда. Истата вест ја објавуваат и Вечер и Дневник, но со поинаков наслов. „Хојт Ји побара средба, но претседателот има други обврски“, насловува на пример Вечер. Нова Македонија консултира политички аналитичари во текстот под наслов: „Намигнува ли меѓународната за лидерска средба“, наведувајќи дека, според аналитичарите, во овој момент сè е подобра алтернатива од блокирани и нефункционални институции. „Наскоро тоа ќе се случи под притисок на меѓународната заедница“, додава Нова Македонија, тргнувајќи од ставот на аналитичарите.

Слободен печат го цитира Џон Мекејн, републикански сенатор од Аризона и поранешен претседателски кандидат, искажан за Гласот на Америка на српски јазик:

„Напнатоста во Македонија е голема и ситуацијата излегува од контрола, потребен е поголем ангажман на САД, но и на ЕУ“.

Дневник пишува дека „Додворувањето на Заев на Србите ги налути интегративците, Ахмети да размисли за повлекување на потписите за СДСМ“ – цитира весникот свој висок извор од ДУИ. ДУИ, пак, со соопштение, што го објавуваат Утрински, Нова Македонија и Слободен печат, ги демантира „злонамерните шпекулации“: „Нема промена во одлуката да се создаде новото парламентарно мнозинство кое ќе го избере Талат Џафери за претседател на Собранието“. „Заев и Ахмети договараат деблокирање на Собранието“, насловува Утрински, кој исто така го објавува и соопштението на СДСМ во кое се вели: „Чекорите што се преземаат се внимателни, бидејќи другата страна има нерационални луѓе кои за своите интереси се подготвени да ги жртвуваат граѓаните и државните интереси“.

Вечер продолжува со нападите на Сорос и во наслов го цитира ставот на „Стоп операција Сорос“: „Сорос ѝ објави војна на македонската економија, преку бројни локални референдуми започнува сценариото“. Според толкувањата на антисоросовата невладина, инаку формирана неодамна, референдумите ги спречувале странските инвестиции во земјава.

СДСМ со соопштение реагира и против затворањето на Утрински кој во сабота ќе го објави последниот број: „Удар врз професионалното новинарство, што е уште еден доказ зошто Македонија е на дното на Балканот по медиумски слободи“, е ставот на СДСМ.

Нова Македонија насловува: „Јавори ќе ’никнат‘, со палмите се исушија половина милион евра! Граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми, а се трошат пари за дрвја кои ниту изгледаат убаво ниту се белег на нашето поднебје“, цитира весникот една скопјанка од Дебар маало.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG