Достапни линкови

САД предупредуваат - размислува ли Иванов за воена состојба?


Архивска фотографија - Претседателот Ѓорге Иванов му го врачува мандатот на Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Архивска фотографија - Претседателот Ѓорге Иванов му го врачува мандатот на Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Сериозни предупредувања за безбедноста на Македонија стигнаа од влијателниот американски сенатор Џон Мекејн, во услови кога сè почесто се зборува за можноста претседателот Ѓорге Иванов да прогласи воена состојба. Истовремено тој нема да се сретне со американскиот дипломат Хојт Ји.

Експлозивна состојба и предупредување дека не е во ничиј интерес распад на Македонија - овие пораки од влијателниот американски сенатор Џон Мекејн доаѓаат во ситуација во која се почесто се споменуваат сценарија за прогласување воена состојба, земјава со месеци е без собрание и влада, има протести на улиците, а претседателот Ѓорге Иванов воопшто и не се сретнува со претставниците на западните земји.

Мекејн, кој беше и кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави, во интервју за српската редакција на Гласот на Америка, оцени дека е потребен поголем ангажман, посредување, во мошне динамичната и експлозивна состојба во Македонија, нагласувајќи дека не е во ничиј интерес да се распадне на државава.

„Загрижен сум за Македонија. Не предвидувам војна или конфликт, но велам дека напнатоста е голема и ситуацијата излегува од контрола, и бара поголем ангажман од САД, но и од ЕУ“, рече Мекејн.

Распад на Македонија не одговора никому, бидејќи тоа би предизвикало синџир реакции и поместувања на границите во Западен Балкан, што значи дека регионов би станал невралгично подрачје и затоа сите се загрижени, коментира безбедносниот аналитичар Благоја Марковски.

Сепак, според него, состојбите во земјава не се такви за да дојде до распад на државава.

Сценарија за воена состојба

Но, пред ова предупредување од американскиот конгресмен, во земјава почнаа да се подгреваат гласините за можноста претседателот Иванов да прогласи воена состојба. Во таквата варијанта беше споменуван и националниот парк Јасен, а неколку дена подоцна за негов директор беше именуван Оливер Андонов, еднодневниот министер за внатрешни работи. Назначувањето на Андонов, кој се смета за близок до ВМРО-ДПМНЕ, уште повеќе ги интензивира таквите гласини, па и кандидатот за претседател на Собранието Талат Џафери од ДУИ јавно побара од Иванов да прогласи воена состојба.

„Иванов знае дека тоа никому не му оди во прилог и знае дека нема на кој да му објави војна“, рече Џафери.

Марковски, кој е и доктор по военополитички науки, повикувајќи се на Уставот и законите тврди дека Иванов нема можности за прогласување воена состојба. Состојбите се чувствителни, но на внатрешен план, а не постои реална опасност за напад од надвор, што би предизвикало прогласување воена состојба, додава тој.

„Меѓутоа јас не знам и не можам да претпоставам што актуелното политичко раководство, пред сè мислам на техничката влада и претседателот Иванов, можат да преземат како мерки и активности, но сето тоа што би го направиле би било против Уставот и законите“, вели Марковски.

Иванов се среќава само со авторитарни лидери?

И додека се повеќе јавноста се преокупира со вакво сценарио, се понеизвесна изгледа опцијата на која инсистира меѓународната заедница - Иванов да ја преиспита одлуката и да го додели мандатот на новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ. По парламентарните избори во Македонија што се одржаа на 11 декември претседателот главно се среќава со политичари од регионот или, пак, оние кои во западните земји важат за недемократи. За средби во Скопје тој ги одби еврокомесарот Јоханес Хан, шведскиот дипломат Карл Билт и последно, соопшти дека нема да се сретне в понеделник со Хојт Ји.

Според објавеното на официјалната страница на претседателот на државава тој на 16 јануари бил во Египет на меѓународниот форум посветен на безбедноста во време на екстремизам и насилство. Истиот месец, на 27 јануари по повод празникот Свети Сава, го прими потпретседателот на Собранието на Република Србија Верољуб Арсиќ. На 16 март пак замина во Азербејџан на петтиот глобален Баку форум и таму се сретна со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и со својот албански колега Бујар Нишани. Четири дена подоцна замина во Унгарија каде што се сретна со целиот унгарски државен врв меѓу кој и со контроверезниот премиер Виктор Орбан. Месецов беше во Турција на глобален форум, а во Скопје го прими претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Младен Иваниќ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG